ПРЕМИЕРА: Alfa Romeo Giulia SWB Zagato е специјално, славеничко купе! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Alfa Romeo Giulia SWB Zagato е специјално, славеничко купе!

Giulia SWB Zagato е базирана врз Giulia Quadrifoglio GTAm, но каросеријата е темелно преработена за да се добие ова спектакуларно купе!

Alfa Romeo и Zagato и официјално ја претставија новата Giulia SWB Zagato. Автомобилот е резултат на желбата на Zagato да прослави 100 години соработка со Alfa Romeo.

Како што името кажува, овој автомобил е базиран на спортскиот седан, но меѓуоскиното растојание е скратено за да се добие ова секси купе со две врати. „Донатор“ за оваа конверзија е Giulia Quadrifoglio која Zagato ја надгради на GTAm спецификација но го задржа 6-степениот мануелен менувач.

Дизајнот е поларизирачки – особено предниот дел. Од Zagato кажуваат дека инспирацијата е влечена од Alfa Romeo SZ, но дека финалниот дизајн е изграден околу детали од освежената Giulia – иако предните светла се од новиот Tonale. Задниот дел влече инспирација од Giulia TZ, а додаден е и огромен заден дифузер кој влијае на аеродинамиката. Како што и очекуваме од Zagato, Giulia SWB Zagato има „дабл-бабл“ кров со повеќе простор за главите – односно за сигурносни кациги. Каросеријата е навистина темелно изменета – сите панели се преработени и изработени од карбон.

Секако, срцето на Giulia SWB Zagato е 2.9-литарскиот твин-турбо V6 кој во GTAm спецификација испорачува 540 коњски сили и 600 Nm вртежен момент, но за разлика од Giulia GTAm која може да се добие само со 8-брзински автоматски менувач, тука силата се испорачува кон тркалата преку 6-степен мануелен менувач од Giulia Quadrifoglio.

И на самиот крај, вреди да нагласиме дека ова е уникатен примерок, изработен за еден многу среќен (и сигурно многу богат) купувач кој сигурно со нетрпение го очекува своето возило.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.