Корејскиот гигант стана трет најголем производител на автомобили во светот, зад Volkswagen и Toyota.
Hyundai е трет производител на автомобили во светот, по бројка на произведени автомобили. Според Bloomberg, незапирливиот раст на Hyundai му овозможи на корејскиот гигант (под кој е и Kia) да го надмине американскиот General Motors, но и мултинационални конгломерати како Stellantis.
Во 2021, Hyundai произведе и продаде 6.6 милиони возила. Volkswagen продаде 8.9 милиони возила, а на самиот врв е Toyota со 10.5 милиони продадени возила. Дел од Hyundai е најголемата фабрика за производство и склопување на автомобили. Фабриката во Улсан, Јужна Кореја интегрира пет помали фабрики во еден комплекс и има и сопствено пристаниште. Според Bloomberg, Hyundai не само што го произведува челикот потребен за автомобилите во својата фабрика, туку го произведува и челикот потребен за произведување на транспортните возила кои ги пренесуваат возилата на Hyundai и Kia ширум светот.
Истовремено, Hyundai во моментов се бори со Ford да биде втор најпопуларен производител на електрични автомобили во САД, зад Tesla. Со оглед на офанзивата на електрични модели и одличниот Ioniq 5, ова воопшто не е изненадувачки.