ТЕСТ: Alfa Romeo Tonale 1.5 MHEV 130 FWD Edizione Speciale – Нова ера за Alfa Romeo! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Alfa Romeo Tonale 1.5 MHEV 130 FWD Edizione Speciale – Нова ера за Alfa Romeo!

Новиот Tonale е неколку различни Први Нешта во историјата на Alfa Romeo – првиот компактен SUV, но и првиот електрифициран автомобил на италијанскиот бренд. Ова се нашите впечатоци од новиот Alfa Romeo Tonale – и тоа во луксузната Edizione Speciale изведба!

Alfa Romeo е во период на интензивна трансформација – и тоа не само поради интеграцијата во големата хиерархија на Stellantis, туку и поради Jean-Philippe Imparato кој е на чело на италијанскиот бренд од минатата година. Уште поважно од тоа, е дека Alfa Romeo се електрифицира и токму Tonale е првиот модел кој е резултат на таа тековна трансформација.

Сепак, пред да зборуваме за Tonale, едноставно мораме да нагласиме дека конкуренцијата во сегментот во кој новиот компактен SUV на Alfa Romeo ќе се натпреварува е навистина моќна. Постоечките конкуренти кои доаѓаат од Германија, Велика Британија и Јапонија веќе се во својата втора или трета генерација и имаат изградено армија од лојални купувачи. А сето тоа значи дека Tonale навистина не смее „да ја утне работата“ и да не ги исполни (па и да ги надмине) очекувањата. Никаков притисок.

Не постои поинаков начин да се каже – Tonale изгледа фантастично!

Со задоволство можеме да кажеме дека дизајнерите на Alfa Romeo дефинитивно не ја утнале работата – Tonale изгледа фантастично! На предниот дел вниманието оди кон широките предни светлосни групи кои имаат по три засебни светлосни елементи (и нè асоцираат на ненадминатата 159-ка), кои пак се спојуваат во централно-поставената маска на ладилникот во препознатливата форма на Alfa Romeo. Отворите за воздух во предниот браник се длабоки и широки, а странично-поставената регистерска табличка е уште еден препознатлив детал на италијанскиот бренд.

Профилот е чист – линиите на каросеријата изгледаат како да се затегнати околу внатрешната структура и едноставно нема непотребни детали. Карактерната линија е мека и се провлекува од предниот до задниот дел, а растечката линија на прозорците му дава на Tonale динамичен и атлетски став – став кој е дополнително нагласен и преку (искрено, фантастичните) 20-инчни тркала.

На задниот дел вниманието оди директно кон задниот светлосен елемент – широката LED лента се проткајува од едната до другата страна на Tonale, а секој крај е потенциран преку троделни светлосни елементи кои имаат и интересен тродимензионелен ефект.

Единственото прекинување е точнo на средина каде гордо стои знакот на Alfa Romeo, а директно под него е ознаката Tonale. Ако треба да одбереме забелешка која ја имаме на дизајнот, таа би била кон задниот браник кој е делумно обвиен во пијано-црна пластика – можеби црниот дел е нијанса преголем.

Поврзано:  Alfa Romeo го најави Junior Veloce со 280 коњски сили!

Привлечен, луксузен, практичен и спортски ентериер.

Одиме внатре – и кокпитот (намерно го користиме тој збор) на Tonale е уште едно пријатно изненадување. Се сместуваме во одличното, спортско седиште и уште при првиот контакт се забележува дека инженерите и дизајнерите на Tonale посветиле навистина многу време на ентериерот.

Скоро сите површини се обвиени во квалитетни и привлечно-текстурирани материјали, а дизајнерските детали се со онаа типипична Alfa драматичност – од идеално-димензионираниот управувач со Start копче поставено на него (исто како кај Giulia и Stelvio), преку фантастичните лопатки за менување брзина изработен од алуминиумска легура, привлечното амбиентално осветлување па сè до централно-поставениот мултимедијален уред и физичките контроли под него – едноставно, тешко е да се најде забелешка за кокпитот на Tonale.

Плус, дизајнерите на Alfa Romeo „од прва“ ја погодиле графиката на дигиталните инструменти – во време кога многу други производители „бркаат“ некои непотребно-иновативни решенија, Alfa нуди врвна технологија, но во препознатлив формат кон оддава почит на историјата на брендот. Кружните инструменти се јасни и прегледни, и можеби нашите омилени во моментов.

Возачката позиција е идеална за ваков автомобил – се седи нијанса повисоко, но сепак доволно ниско за да можеме да кажеме дека позицијата е спортска. Прегледноста е генерално задоволителна, освен кон задниот дел каде и онака малиот задно ветробранско стакло е дополнително намалено преку големите наслони за глава на задната клупа. Сепак, не е толку страшно – тука е задната камера кога е потребно.

Централно-поставениот мултимедијален уред е уште една силна точка – големиот екран брзо реагира на секое допирање, а доаѓа и со целосна поддршка за безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување. Системот реагира брзо на сите команди, а лесно се достапни и многу статистики околу возењето. Под мултимедијалниот уред се поставени физички контроли за клима уредот – одлука која ентузијастички ја поддржуваме. Немаме никакви забелешки ниту на ергономијата, освен можеби за „тркалцето“ за нагодување на гланоста на аудио-уредот кое е поставено директно позади рачката за менувачот и не се гледа додека возите.

Задните врати се отвораат широко и овозможуваат лесен пристап до задните седишта. На задните седишта лесно ќе сместите двајца патници. Да, по потреба ќе собере и тројца, но не би го препорачале тоа на подолго патување. Патниците на задната клупа ќе добијат свои контроли за вентилацијата, како и USB приклучоци за полнење на телефони и таблети.

Поврзано:  Alfa Romeo го најави Junior Veloce со 280 коњски сили!

Багажниот простор е достапен преку голема, широка петта врата. Самиот багажен простор има лажно дно, односно конфигурабилен долен дел па можете самите да го прилагодите како вам ќе Ви одговара. Бројките не се воопшто за занемарување – со исправена задна клупа имате на располагање рамно 500 литри. Преклопете ја задната клупа и добивате одлични 1550 литри багажен простор.

Нов, комплициран, но врвно-ефикасен лајт-хибриден погон

Океј, време е да зборуваме малку за погонот. Ова е првиот електрифициран погон на Alfa Romeo и инженерите на Alfa Romeo отишле чекор понатаму од она што обично значи благ хибрид. Во предниот дел на Tonale се наоѓа прилично комплициран погон кој комбинира 1.5-литарски турбо-бензинец со интегриран стартер-генератор кој овозможува дополнителни 20 коњски сили. Но онаму каде конкурентите кои нудат типичен благ хибрид не овозможуваат возење на електрична енергија, Tonale може (при ниски, маневрирачки брзини и до околу 20 километри на час) да се движи на струја!

При ниски брзини кога потребна е комбинација од електричен и конвенционален погон, конфигурацијата во Tonale покажува малку двоумење и колебање – нешто што не е некарактеристично и кај конкуренцијата. Но откако ќе поминете малку време со Tonale и ќе научите да ги очекувате и надминете овие моменти, тогаш Tonale станува уште посамоуверен и динамичен.

Како што напоменавме, турбо-бензинецот испорачува 130 коњски сили при 5750 вртежи во минута и 240 Nm вртежен момент од 1500 вртежи во минута, а електромоторот носи уште дополнителни 15 коњски сили. Сето ова се испорачува кон предните тркала преку 7-брзински автоматски менувач со двојна спојка и овозможува забрзување до 100 километри на час за 9.6 секунди и максимални 200 километри на час.

За време на теколкудневното дружење со Tonale компјутерот ни покажа просечна потрошувачка од околу 7 до 8 литри бензин на 100 километри во градски услови. Во ред, ова не се перформанси од кои ќе Ви застане здивот – но целиот пакет покажува дека основата е одлична и дека помоќните варијанти (како на пример плаг-ин хибридниот Tonale со 275 коњски сили) ќе бидат уште поинтересни.

Како што работите стануваат подинамични, Tonale сè повеќе ги покажува своите таленти

Добро, но каков е Tonale за возење? Дали ги исполнува високите стандарди кои ги наметнува Alfa Romeo? Апсолутно да! Серво-управувањето е брзо и директно, како што е карактеристично за Alfa Romeo, но би рекле дека при ниски брзини е нијанса прелесно.

Поврзано:  Alfa Romeo го најави Junior Veloce со 280 коњски сили!

Но пуштете рака кон DNA селекторот и префрлете од N во D и Tonale се трансформира – управувањето почнува да нуди нијанса повеќе отпор а погонот реагира поподготвено на секое притискање на педалата за гас. Суспензијата се однесува прилично добро и покрај големите 20-инчни тркала, но за оние кои сакаат помеко возење препорачуваме да одберат тркала кои се број-два помали.

Но Tonale ги покажува своите вистински таленти кога темпото малку ќе забрза – цврстата шасија и квалитетното подвозје доаѓаат до израз, па Tonale влева доверба во неговите таленти. Од свиок во свиок, Tonale е „дома“ на кривулести патишта каде неговите гени доаѓаат вистински до израз. Многу е тешко да се надминат лимитите, а системот за насочување на вртежниот момент го подобрува управувањето преку незабележително прикочување на внатрешното предно тркало за да го направи влегувањето во свиоци поефикасно.

Alfa Romeo можеби малку доцни на забавата за луксузни компактни SUV модели – но сега е тука, а конкурентите можат само со завист да гледаат кон Tonale!

Новиот Tonale е полн погодок. Да, Alfa Romeo малку доцни на „журката“ за компактни SUV модели – но она што го носи на забавата е импресивно. Со Tonale, Alfa Romeo нуди привлечен, практичен и современ семеен транспортер кој истовремено успева да остане верен на традиционалните Alfa вредности.

Комбинацијата од емотивен дизајн, високи технологии и навистина врвен ентериер е супер-привлечна, а неизбежниот италијански дух успева да го издвои Tonale од конкурентите. Ваквите освежувања во сегментот се секогаш добредојдени, а конкурентите можат само со завист да гледаат кон Alfa Romeo Tonale!

Спецификации

Модел: Alfa Romeo Tonale 1.5 MHEV 130 FWD Edizione Speciale
Мотор: 1.5-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри, MHEV
Моќност: 130 коњски сили / 5750 вртежи во минута
Вртежен Момент: 240 Nm / 1500 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 7 брзини со двојна спојка
0-100 км/ч: 9.6 секунди
Максимална Брзина: 200 километри на час
Должина: 4528 mm
Ширина: 2082 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1601 mm
Тежина: 1525 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2636 mm
Багажен Простор: 500 – 1550 литри
Потрошувачка: 7.8 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Alfa Romeo Tonale 1.6 Multijet TCT6 130 Super – 39.900 Евра
Цена на тестираниот модел: Alfa Romeo Tonale 1.5 Hybrid DCT7 130 Edizione Speciale – 55.250 Евра
Повеќе Информации: AlfaRomeo.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.