ПРЕМИЕРА: Lamborghini Urus Performante е полесен и помоќен SUV со ѓаволски 666 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Lamborghini Urus Performante е полесен и помоќен SUV со ѓаволски 666 коњски сили!

За оние за кои Urus не е доволно моќен, тука е новиот Urus Performante со намалена тежина и надграден твин-турбо V8!

Од Lamborghini кажуваат дека новиот Urus е наменет „да ги однесе супериорните перформанси и препознатливиот изглед на спектакуларниот Super-SUV на следното ниво“. Urus Performante ќе го препознаете по редизајнираниот преден браник, карбонскиот поклопец на моторот, карбонскиот кров (кој според Lamborghini го референцира Huracan Performante), карбонскиот преден сплитер и карбонските додатоци околу автомобилот кои ја подобруваат потисната сила на задниот дел за 38%.

Задниот дел добива и нов заден браник и карбонски заден дифузер. Интересен новитет е титаниумскиот издувен систем од експертите од Akrapovic, а целиот автомобил е понизок за 20 милиметри, трагата е поширока за 16 милиметри и Urus Performante е поставен на 22 или 23-инчни тркала обвиени во Pirelli P Zero пневматици.

Инаку, благодарение на преработките и новите делови од карбон, Urus Performante е полесен за 47 килограми од „обичниот“ Urus. Дополнително, моќниот 4-литарски твин-турбо V8 е доработен да испорачува 666 коњски сили и 850 Nm вртежен момент – комбинација која на моќниот Super-SUV му овозможува да забрза до 100 километри на час за само 3.3 секунди и да достигне максимални 306 километри на час.

Благодарение на сите овие измени и подобрувања, новиот Urus Performante веќе ги покажа своите таленти на овогодинешниот Pikes Peak каде постави нов рекорд во SUV категоријата – минатиот рекорд беше 10:49.902, а Urus Performante го „разнесе“ ова време и постави рекорд од 10:32.064!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.