ВОЗЕВМЕ: Меѓу првите во светот сме зад управувачот на новиот Peugeot 408! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: Меѓу првите во светот сме зад управувачот на новиот Peugeot 408!

Кога го претстави новиот 408, Peugeot кажа дека лансира нов вид на автомобил, автомобил кој е неочекуван и автомобил кој е своевидна основа за целосно нов сегмент. На покана на Peugeot, бевме меѓу првите во светот кои седнаа зад управувачот на новиот 408 – па дали ветувањата се исполнети?

Очигледно е дека конвенционалните форми на купувачите им станаа здодевни. По вистинската SUV-револуција и сè поголемата популарност на таканаречените купе-СУВ модели, дојде време за следниот чекор напред во автомобилскиот дизајн. Овој пат револуцијата доаѓа од францускиот бренд кој успеа темелно да се репозиционира и да наметне нови стандарди во сегментите во кои се натпреварува.

А колку е успешно тоа репозиционирање? Во неодамнешно интервју, главната извршна директорка на Peugeot – Линда Џексон (со која и ние имавме прилика да разговараме) – кажа дека на глобално ниво, 20% од продажбата на целата Stellantis групација (односно околу 33% во Европа) припаѓа на Peugeot. Би рекле дека репозиционирањето е полн погодок.

Но со овој успех, доаѓаат и нови предизвици. Односно, предизвикот да се достигнат нови височини и да се постават нови стандарди. Да се понуди нешто навистина ново и навистина свежо. Нешто кое не само што ќе ги надмине очекувањата, туку истовремено ќе биде и вистинско изненадување.

Е па, дами и господа – погледнете го новиот Peugeot 408.

408 навистина е неочекуван од секој агол.

Дизајнерите на Peugeot кажуваат дека 408 е неочекуван од секој агол – и едноставно, мораме да се согласиме. Да, можеме да кажеме дека препознаваме детали од 308 и 508 – но кога ќе погледнеме подобро, новиот 408 е чекор нанапред од секој можен аспект. Дури би рекле дека покрај него, дури и радикалниот 508 најверојатно би изгледал некако… Застарено?

Новиот 408 комбинира неколку различни „традиционални“ автомобилски форми за да испорача нешто сосем неочекувано – стаклените површини се ниски а карактерната линија е висока, па целата каросерија изгледа ниска и притаена, како да е подготвена да нападне. Истовремено, иако наликува на седан, новиот 408 е всушност хечбек (или фастбек, ако сакате) и иако зборуваме за низок автомобил, сепак е поставен на повисока суспензија за да ја испорача онаа посакувана SUV доминантна позиција.

Поврзано:   ВОЗЕВМЕ: Во Кан го возевме новиот електричен Peugeot E-3008!

Истовремено, ако ги погледнеме деталите – од широките и остри предни светлосни елементи и предната маска која делумно е во боја на каросеријата, па преку комплексните површини на профилот и интересните „мачкини уши“ над задното ветробранско стакло препознаваме нов, иновативен автомобил кој изгледа несекојдневно и скулптурно. Ако Peugeot веќе е во дизајнерски подем, 408 е убедлива кулминација!

Ако мораме да избереме дел од новиот 408 кој највеќе ни се допаѓа, тоа најверојатно би бил задниот. Широките светла во комбинација со нагласената агресивност на задниот дел едноставно прават 408 да изгледа како да се движи дури и кога стои. Остриот агол на задното стакло во комбинација со дискретниот заден спојлер интегриран во петтата врата му даваат на 408 став кој едноставно не сме навикнати ниту да го очекуваме, ниту да го добиеме кај Peugeot.

Супер-просторна кабина со најновиот i-Cockpit

Седнуваме во 408 и веќе „на прва“ работите ни се познати – ова е кабината од 308, но со уште повеќе внимание на деталите и финалната обработка. Да, тука е најновата интерпретација на i-Cockpit со малиот управувач и дигиталните инструменти поставени над него. Како и секогаш, ќе напоменеме дека i-Cockpit не е по сечиј вкус но купувачите го прифатија ваквиот пристап. На централната конзола е најновата генерација на мултимедијалниот уред на Peugeot, додека под него се поставени прилагодливите i-Shortcuts кратенки кои можат да водат до скоро секоја функционалност внатре во системот. Да, би сакале да имаме физички контроли за клима уредот – но тоа е тоа.

Вистинската трансформација во кабината е на задната клупа. Меѓуоскиното растојание на 408 е цели 12 сантиметри подолго од она на 308 а целиот тој дополнителен простор е резервиран за задната клупа. Простор за нозете и главите на патниците има на претек, а просторот за глава е дополнително ослободен преку преместените шарки за вратата од багажниот простор кои се „скриени“ во оние мачкини уши поставени над петтата врата.

Забелешки за материјалите немаме – сè околу возачот е одлично сработено и сè што ќе допрете има одлична текстура и е изработено од квалитетни материјали. Некои од пластиките кои се поставени пониско во кабината, како и некои од пластиките околу задните седишта се нијанса поцврсти – но тоа не е ништо ново. Сè на сè, во кабината преовладува чувство на просторност, светлина и многу внимание посветено на деталите.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Peugeot го претстави новиот 9X8 со кој ќе се натпреварува на Endurance трките!

Моќен плаг-ин хибриден погон

Интересно, на лансирањето на новиот 408, Peugeot инсистираше да биде достапен за возење само врвниот плаг-ин хибриден погон со 225 коњски сили. Покрај овој погон, на купувачите во Европа ќе им биде достапна и 180-коњската изведба (која неодамна ја возевме во Peugeot 308), како и 1.2-литарски турбо-бензинец со 130 коњски сили. На „прекуокеански“ пазари ќе биде достапен и 1.6-литарски турбо-бензинец со 215 коњски сили, но за жал тој мотор нема да се продава во Европа поради строгите ЕУ регулативи. Штета.

Како што рековме, „нашиот“ автомобил е придвижуван од 225-коњски хибриден погон кој комбинира 1.6-литарски турбо-бензинец кој испорачува 180 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 250 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута, со батерија со капацитет од 12.4 kWh и електромотор кој испорачува дополнителни 110 коњски сили и 320 Nm вртежен момент. Системската моќност од овој погон овозможува спринт до 100 километри на час за 7.8 секунди и максимална брзина од 235 километри на час.

Седнуваме зад управувачот и веднаш се чувствуваме како дома – оваа околина ни е позната. Добро го знаеме и i-Cockpit системот на Peugeot, добро го познаваме мултимедијалниот уред и познати ни се и командите. Но дизајнерите сепак внеле малку освежување во кабината, како и некои нови материјали. Се сместуваме во фантастичното седиште и се подготвуваме да тргнеме.

Првата работа која ја забележуваме е дека и покрај повисоката суспензија, во 408 се седи ниско – не е како во кросовер или SUV, туку како во седан. Прегледноста е генерално задоволителна, освен кон задниот дел – но тоа е цена која треба да се плати за дизајнот а и намалената прегледност се компензира со одличната паркинг-камера.

Управувањето успешно сокрива дека 408 има кросоверски гени

Започнуваме да се движиме по шпанските патишта кои најдобро можеме да ги опишеме како „Стакло Панчево“ и уживаме во рафинираноста на 408. Дополнително, интересна е одлуката 408 секогаш да стартува во електричен режим па првите впечатоци се дека се работи за навистина супер-рафиниран автомобил.

Поврзано:   Peugeot најавува интегриран ChatGPT во целата гама и 8-годишна гаранција за Е-3008

Ја напуштаме дефинираната маршрута и истражуваме мали, тивки, заспани шпански гратчиња и селца. Сосем неочекувано, налетуваме на замок, или манастир, или што и да беше – и 408 изгледа како да припаѓа. Неговиот дури би рекле архитектурен дизајн совршено се интегрира во околината, дури и околу објекти кои се стотици и стотици години стари…

Се враќаме на рутата и патот нè носи кон автопат – време да му дозволиме на 408 да ги „протегне нозете“. На автопат лесно се наоѓа комфорна брзина и јасно е дека со 408 лесно ќе се поминуваат стотици и стотици километри. Единствено имаме ситна забелешка на бучавост од ветрот која се јавува на повисоки брзини.

 

По педесетина километри поминати на автопат, се исклучуваме кон кривулести патишта и се впуштаме кон подинамично возење. Комбинацијата од електромотор и бензински мотор гарантира инстантни перформанси и сè додека не претераме со нашите барања, 408 се однесува предвидливо и неутрално.

`

Од свиок во свиок, 408 ни влева доверба во неговите можности и упорно ја „држи“ подлогата и подобро реагира на кратки, внимателни команди отколку на остри наредби. Во оние моменти кога ќе „претераме“, 408 е подготвен да сервира изненадувачко надуправување – кое најверојатно се должи на тежината на батериите поставени во подот. Во ред, ова не е автомобил кој ќе изнуди спортско возење, но добро е да се знае дека управувањето е директно и прецизно, но за жал без премногу повратни информации од подлогата.

Со 408, Peugeot пробива нови патишта и дефинира нов сегмент

И сега, да заокружиме. Првиот контакт со 408 остава силни и позитивни впечатоци. Да, Peugeot можеше да ја „утне“ работата и пробувајќи да измеша неколку сегменти, да не задоволи ниту еден од нив – но убедени сме дека токму со 408 францускиот бренд успешно пробива нови патишта и дефинира нов сегмент.

Новиот 408 ги крши стереотипите и успева да понуди нешто навистина радикално и навистина неочекувано, а нашите домаќини од Peugeot гордо ни зборуваа за него – се гледа дека се возбудени за иднината која доаѓа. Многу лесно разбираме зошто.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.