CARCLUB ИНТЕРВЈУ: Линда Џексон – Главен Извршен Директор на Peugeot: Ќе имаме цела гама на спортски Peugeot Sport Engineered модели! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

CARCLUB ИНТЕРВЈУ: Линда Џексон – Главен Извршен Директор на Peugeot: Ќе имаме цела гама на спортски Peugeot Sport Engineered модели!

Имавме несекојдневна можност да позборуваме со Линда Џексон, која од неодамна е Главен Извршен Директор на Peugeot – и со неа зборувавме за новиот 308 и новиот идентитет на Peugeot, за позиционирањето на францускиот бренд во рамките на Stellantis, но и за идните модели кои се подготвуваат.

CARclub: Добар ден, и Ви благодариме за одвоеното време да позборувате со нас. Нашето прво прашање е во врска со тукушто-лансираниот Peugeot 308 – не само што изгледа спектакуларно, туку и одлуката да биде лансиран со две плаг-ин хибридни верзии е одлична. Но забележавме дека недостасува електричната верзија, ќе видиме ли електричен 308?

ЛЏ: Да, тукушто го лансиравме новиот 308 – и исто како и со другите модели, и новиот 308 на купувачот му нуди избор, односно ја следи #powerofchoice стратегијата која е особено важна за нас. Без разлика на моделот, купувачот може да одбере меѓу дизел, бензин, плаг-ин хибрид или пак електричен погон.

Тоа е особено важно за нас, бидејќи како што знаете – секој купувач го користи возилото на свој начин – поминува помалку или повеќе километри, живее во град или надвор од градот – па важно ни е да им го овозможиме тој избор кој го нуди Power of Choice.

„Електричниот 308 е во подготовки. Сакаме новиот 308 да е во топ 3 најпродавани модели во Европа!“

Краткиот одговор на вашето прашање е – да, електричен 308 е во подготовки, а тоа е дел од нашата стратегија за електрификација која кажува дека до 2025, 100% од нашите модели ќе имаат електрична верзија. Вклучен е во таа стратегија, и да бидам искрена 308 е важен нов продукт за нас кој покрај тоа што има освоено многу награди и е бестселер, мојата лична амбиција и цел за него е да биде во топ 3 најпродавани модели во Европа.

CARclub: Со оглед на забрзаната електрификација на сите 14 брендови кои се дел од Stellantis, што ќе направи Peugeot – покрај забележливиот дизајн, секако – да ја задржи својата индивидуалност.

ЛЏ: Во однос на сите други 14 брендови – првата работа која треба да се има предвид кога се менаџира компанија која има толку многу брендови, е дека сите брендови мораат да имаат силен идентитет.

Позицијата на Peugeot е да биде High End Generalist кој е достапен – на пример со електричниот е-208 – и таа позиција е многу важна. Уште на почетокот имаме јасна позиција меѓу сите брендови на Stellantis. Понатаму, насоката која ја следиме за да ја изградиме таа позиција, ја следиме веќе 10 години. Јас сакам да продолжам со таа насока, и тоа ќе ви го објаснам преку трите вредности на Peugeot. Првата е извонредност – извонредност во квалитет, но и извонредност во технологиите кои ги додаваме. На пример, i-Cockpit – начинот на кој се издвојуваме од сите други. Со секој нов модел i-Cockpit еволуира, а токму тоа се случи и со 308.

„Peugeot носи три главни вредности – извонредност, привлечност и емоции.“

Втората вредност е привлечноста – екстериерот и ентериерот – имаме препознатлив дизајн кој едноставно привлекува. А третата вредност се емоциите – и секој може да каже што сака, но на крајот на денот – вие не би биле водечки автомобилски медиум ако не ги сакате автомобилите и не го сакате возењето, а јас сум истата – докажавме дека со растечкиот удел на пазарот и можностите кои ги имаме и на другите пазари, дека Peugeot е емотивен бренд кој луѓето го посакуваат.

Секако, тоа го носиме и чекор понатаму со претставувањето на гамата Peugeot Sport Engineered – со новиот 508 PSE кој го носи уживањето во возењето во електричната арена. Тој исфрла само 46 грама CO2 на изминат километар а испорачува 360 коњски сили. Верувам дека со тие вредности и тоа позиционирање, ќе останеме силен бренд во рамките на сите 14 брендови на Stellantis. Ќе продолжиме во истата насока.

CARclub: Конечно – очигледно, ова е особено важна година за Peugeot. Го лансиравте новиот 308 кој е исклучително значаен, но го претставивте и новиот идентитет на Peugeot. Но сепак, знаеме дека Peugeot не престанува да работи – па што е следно, ќе видиме ли 308 PSE? Што се подготвува, ако не е премногу големо прашањето?

ЛЏ: Па секако, ако откријам сè, би ги открила сите тајни одеднаш. Но што е во фокусот на Peugeot за оваа година? Апсолутно сте во право – прво и најважно e новиот 308, и особено е важно да го лансираме на вистинскиот начин, со сите потребни активности – бидејќи навистина е бестселер за нас. Во право сте и за новиот идентитет – да бидам искрена, не е само лого, туку е целосно нов екосистем – нови веб-страници, продавање преку интернет, но и целосно ново искуство за нашите купувачи. Секако, продолжуваме и со електрификацијата.

Сепак, од особена важност за Peugeot оваа година, но и во иднината – интернационализацијата. Ако кажам дека 80% од нашата продажба е во Европа, тоа значи дека имаме огромна можност за интернационален раст. Имаме огромни можности во три важни региони каде веќе имаме добро присуство и удел, но имаме дополнителна можност за раст – Јужна Америка, Африка и секако, Кина. За мене, тоа е фокусот за 2021 и ќе треба да почекате за да видите што подготвуваме.

„Peugeot Sport Engineered ни овозможува да понудиме врвно уживање во возењето, но истовремено да ја почитуваме околината.“

Сепак, да го завршам одговорот бидејќи забележав дека прашавте – што е следно по 508 PSE? Ќе има и други модели во гамата – секако, бидејќи е гама – и мораме да ја направиме врската меѓу спортските активности (WEC, Ле Ман) и автомобилите кои во моментов ги нудиме. PSE ни дава можност да го нудиме тоа уживање во возењето, но истовремено да ја почитуваме околината. Мислам дека PSE е особено иновативна гама со паметни технологии – ќе имаме нови модели, секако, но во моментов не можам да откријам многу повеќе за нив.


На самиот крај, ѝ се заблагодаруваме на Линда Џексон за одвоеното време и приликата да зборуваме со неа, и секако, огромна благодарност до тимот од регионалниот застапник на Peugeot – Еуроимпекс – кои помогнаа да се организира ова интервју. Ова беше особена и исклучителна чест и задоволство за нас!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.