Македонска премиера на bZ4X – првата целосно-електрична Toyota! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Македонска премиера на bZ4X – првата целосно-електрична Toyota!

Првиот целосно-електричен модел на Toyota – новиот SUV со ознаката bZ4X – вчеравечер официјално беше претставен пред македонската јавност.

Новиот bZ4X всушност е првиот модел од bZ гамата на Toyota. bZ јасно и гласно ги кажува амбициите на Toyota и всушност значи Beyond Zero, односно Toyota гледа подалеку од нултата емисија на штетни гасови и нуди не само електрични возила, туку и самополнечки хибриди, плаг-ин хибриди и возила кои користат водородна горивна ќелија.

bZ4X е поставен на e-TNGA платформата која е наменета за електричните возила на јапонскиот гигант. Платформата може да ги менува димензиите во зависност од потребите, а во конкретниот случај е искомбинирана со литиум-јонска батерија со капацитет од 71.4 KWh. Според Toyota и WLTP мерењата, bZ4X може да помине повеќе од 450 километри.

Да, во ред – Toyota можеби малку доцни во играта со електрични возила, но Toyota не би била Toyota ако не го искористи времето за да пристапи екстремно внимателно кон лансирањето на нов модел. Да, bZ4X се впушта во супер-компетитивен сегмент, но настапува со навистина силни аргументи. bZ4X ќе можете да го нарчаате со погон на предните или на сите четири тркала. Одберете погон на предните и ќе добиете електромотор кој испорачува 204 коњски сили и овозможува забрзвуање до 100 километри на час за 7.5 секунди.

Одберете погон на сите четири тркала и ќе добиете два електромотори – секој со моќност од 109 коњски сили, за вкупна системска моќност од 218 коњски сили. Разликата не е голема, но и покрај зголемената тежина за 85 килограми, подобрата тракција овозможува „стотка“ за 6.9 секунди. Кај двете верзии максималната брзина е ограничена на 160 километри на час.

Поврзано:   ТЕСТ: Toyota C-HR 2.0 Hybrid AWD-i GR Sport - Еден меѓу многуте!

Сето тоа е придружено со докажаната 10-годишна гаранција на Toyota, која секако се однесува и на bZ4X. Toyota кажува дека по 10 години и 240.000 километри, батериите ќе задржат 90% од својот капацитет – а тоа е навистина импресивно.

Инаку, истата приказна за супер-футуристички пристап продолжува и во кабината. Комбинацијата од врвни материјали и комплексни површини резултира со навистина интересен, премиум ентериер кој не би се засрамил ни во Lexus, а пакувањето на електричните компоненти од една страна ветува многу, многу простор во кабината, а од другата страна и огромен багажен.

Конечно, да зборуваме и за цените. На нашиот пазар, електричниот bZ4X може да се добие во неколку различни конфигурации. Понудата започнува со bZ4X со 204 коњски сили и погон на предните тркала во Comfort ниво на опрема кој чини 50.990 Евра. Врв на понудата е bZ4X со 218 коњски сили, погон на сите четири тркала и врвното Luxury Premium ниво на опрема, кој чини 62.990 Евра.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.