full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Tемелно освежување за луксузниот DS 7 Crossback

Освежениот 7 Crossback на луксузниот бренд DS доби освежување кое вклучува и нова E-Tense 4×4 верзија со 360 коњски сили!

Највпечатливата измена кај освежениот DS 7 Crossback е новиот преден браник со интегрирани LED дневни светла кои DS ги нарекува DS Light Veil. Овие светла му даваат на луксузниот SUV уникатен светлосен потпис кој е дополнително зајакнат преку новите Matrix LED предни светла со DS Pixel LED Vision 3.0 технологија. Забележуваме и редизајнирана предна маска, нови тркала (во димензии од 18 до 21 инчи), како и редизајниран заден дел со тенки и долги светлосни групи и други поситни измени.

Како и досега, DS 7 Crossback се нуди со неколку различни погонски конфигурации. Купувачите можат да изберат меѓу PureTech турбо-бензинци, BlueHDI турбодизели, или пак E-Tense плаг-ин хибриди. Најважниот новитет тука доаѓа во форма на новиот DS 7 E-Tense 4×4 360 кој има (погодувате) 360 коњски сили благодарение на напредниот хибриден погон.

Овој погон е дело на DS Performance, а комбинира 1.6-литарски турбо-бензинец со 200 коњски сили, со предно-поставен електромотор конј испорачува 110 коњски сили и задно-поставен електромотор кој испорачува дополнителни 112 коњски сили.

Вкупната, системска моќност е 360 коњски сили, кои пак се пренесуваат кон сите четири тркала и овозможуваат лансирање до 100 километри на час за само 5.6 секунди. Во понудата остануваат и постоечките плаг-ин хибридни верзии со 225 коњски сили (и погон на предните тркала) или 300 коњски сили (со погон на сите четири тркала).

Освежувања има во кабината, која го добива новиот DS Iris инфозабавен систем кој комбинира 12-инчен дигитален дисплеј со инструменти пред возачот, како и 12-инчен централно-поставен инфозабавен систем. Врвниот комфор го гарантира DS Active Scan системот за контрола на суспензијата кој користи камера за да го скенира теренот пред автомобилот и соодветно да го прилагоди секој амортизер засебно. Меѓу другото, DS нуди и напредни системи за асистенција – DS Drive Assist, DS Driver Attention Monitoring, DS Night Vision и многу, многу повеќе..



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.