full screen background image
Search

DS E-Tense Performance е електричен концепт со луди 815 коњски сили!

Луксузниот бренд на Stellantis го претстави E-Tense Performance – целосно-електричен суперавтомобил со 815 коњски сили кој влече технологии од Formula E!

DS Performance имаше две успешни години во Formula E, па електричниот погон од тркачкиот автомобил го најде своето место „под кожата“ на овој концептен суперавтомобил. Двата електромотори испорачуваат вкупно 815 коњски сили (340 коњски сили на предните тркала, 476 на задните), а вкупниот вртежен момент е 8000 Nm (!!) на тркалата.

Батеријата е централно-поставена, и овозможува максимална регенерација од 600 kW и автомобилот не користи конвенционални сопирачки (иако ги има, заради безбедност).

Иако не се објавени официјалните детали, DS најавува забрзување до 100 километри на час кое трае само 2 секунди. Професионалните возачи (и Formula E шампиони) кои веќе возат за DS Performance – Jean-Eric Vergne и Antonio Felix da Costa ќе започнат со тестирање на суперавтомобилот во текот на овој месец и ќе ги бараат неговите лимити. Сега за сега нема информации дали DS ќе го лансира E-Tense Performance во некоја сериска изведба, но не би биле изненадени доколку Stellantis се одлучи да го понуди во некаква лимитирана серија како своевиден технолошки врв.

Секако, од DS кажуваат дека е „E-Tense Performance е прототип наменет да се тестираат различните иновации кои ќе се вградат во следните дизајни на брендот.“ Секако, тоа можеби значи нешто, а можеби и не – но сигурни сме дека ако не видиме сериска верзија на E-Tense, сепак ќе видиме дизајнерски и технолошки решенија кои од него ќе го најдат својот пат кон сериските модели на францускиот бренд.

DS веќе најави дека сите модели кои ќе ги претстави по 2024 ќе бидат целосно-електрични, па ќе биде интересно да видиме дали и колку ќе влечат инспирација од електричниот супер-автомобил.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.