ПРЕМИЕРА: Новиот Tonale SUV е првиот електрифициран модел на Alfa Romeo! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Новиот Tonale SUV е првиот електрифициран модел на Alfa Romeo!

Новиот „мал“ SUV на Alfa Romeo го воведува следниот чекор во дизајнерскиот јазик на италијанскиот бренд, но на голема врата воведува и електрификација која покрај конвенционалните мотори ќе понуди хибридни и плаг-ин хибридни изведби.

Tonale е ново име во приказната на Alfa Romeo. Во хиерархијата на Alfa Romeo, Tonale ќе биде поставен под големиот Stelvio, но немојте да мислите дека е нешто помалку важен. Напротив – токму со Tonale, Alfa Romeo воведува грст новитети и нови правила со кои ќе се обиде да се наметне на самиот врв во сегментот.

Ајде прво за дизајнот. Ќе бидеме директни – Tonale навистина ни се допаѓа! Во време на сè повулгарни и повулгарни SUV модели кои доаѓаат од конкуренцијата, Tonale дури изгледа некако… Резервирано! На предниот дел вниманието оди кон широките, хоризонтални предни светла и големата предна маска. Страниците се чисти, без непотребни форми и линии, додека на задниот дел вниманието го привлекуваат задните светлосни групи кои се спојуваат кон централно-поставената значка на Alfa Romeo. Минимализмот и целосното остсутво на непотребни детали го прави Tonale да изгледа свеж и безвременски.

Во кабината забележуваме грст нови технологии – од новиот мултимедијален уред, преку дигиталните инструменти многуте иновации. Секако, тука е и DNA-селекторот кој овозможува неколку различни режими на возење. Од Alfa Romeo кажуваат дека кабината е ориентирана кон возачот, а врвните материјали и врвната завршна обработка гарантираат чувство на луксуз и посебност. Врвната конективност нуди надградби преку интернет и целосна интеграција со Amazon Alexa. Двата дисплеи имаат вкупна дијагонала од 22.5 инчи и се рекордни во сегментот. Дополнително, Tonale добива системи за автономно управување од второ ниво, како и врвни системи за асистенција и безбедност.

Секој примерок ќе доаѓа со уникатен NFT (Non-Fungible Token) кој ќе ја гарантира историјата на возилото и ќе ја подобри резидуалната вредност на секој примерок.

Кај Tonale дебитира и нов Hybrid VGT (Variable Geometry Turbo) турбо-бензинец кој ќе се комбинира со погон на предните тркала и носи нови хибридни технологии. 1.5-литарскиот мотор се комбинира со 7-брзински менувач со двојна спојка и добива 48-волтен хибриден систем. P2 електромоторот испорачува 15 kW и 55 Nm, кои пак овозможуваат стартување и движење на струја. Оваа комбинација испорачува вкупно 160 коњски сили, а во понудата ќе вклучи и верзија со 130 коњски сили.

Врвните перформанси ќе доаѓаат благодарение на 275-коњскиот плаг-ин хибрид со Q4 погон на сите четири тркала. Овој напреден мотор комбинира 1.3-литарски MultiAir турбо-бензинец со 180 коњски сили и електромотор. Кон задните тркала силата доаѓа од електромоторот и батерија со капацитет од 15.5 kWh, за вкупна моќност од 275 коњски сили. Оваа изведба на Tonale забрзува до 100 километри на час за само 6.2 секунди, а може да помине до 80 километри во градски услови на електрична енергија.

Понудата ја заокружува 1.6-литарски турбодизел со 130 коњски сили и 320 Nm вртежен момент, кои се пренесуваат кон предните тркала преку 6-степен автоматски менувач. На некои пазари ќе се нуди и 2-литарски турбо-бензинец со 250 коњски сили.

Продажбата на Tonale ширум Европа ќе започне во Јуни оваа година. Tonale воведува многу, многу нови нешта кај Alfa Romeo. Од новиот, свеж дизајнерски јазик, преку модерниот, полн-со-технологии ентериер, па сè до новите електрифицирани погонски опции. Нови времиња, навистина!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.