ПРЕМИЕРА: CARclub.mk на интернационалната премиера на новите Citroën C4 X и e-C4 X во Истанбул! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: CARclub.mk на интернационалната премиера на новите Citroën C4 X и e-C4 X во Истанбул!

Благодарение на македонскиот импортер на Citroën – Автонова – имавме можност и ние да бидеме дел од големата, интернационална премиера на новиот модел на францускиот бренд – C4 X!

Новиот C4 X го зголемува C4 семејството со уште еден, интересен и сегменто-кршачки модел кој е наменет директно за оние кои не сакаат да бидат врзани во конвенционалните класи или категории на автомобили.

Иако навидум новите C4 X и e-C4 X можат да бидат опишани само како верзии со поголем багажник на веќе претставените C4 и e-C4 (нашиот тест на одличниот нов C4 можете да го погледнете гука), сепак измените се значително потемелни, а истовремено се и храбар нов чекор на Citroën кон електрификацијата.

Значајноста и глобалните амбиции на C4 X се препознаваат преку самата премиера – Citroën ја организираше премиерата истовремено и синхронизирано во Копенхаген и Истанбул.

Погледнете поубаво и ќе забележите дека задниот дел на C4 X е значително подолг во однос на задниот дел на C4 – силуетата е интересна комбинација меѓу седан и купе, би рекле со нагласено купеовски линии и остро закосен заден дел. Задниот дел е целосно редизајниран, со нови LED светлосни елементи и поклопец на багажниот простор со интегриран дискретен спојлер. Од друга страна, дизајнерите на Citroën одлучиле да ја задржат кросоверската форма која има огромно влијание кај комфорот.

Истовремено, од Citroën напоменуваат дека многу внимание е посветено на аеродинамиката на C4 X и дека благодарение на продолжената форма, новиот модел има и понизок коефициент на отпор на воздухот од само 0.29.

Продолжената форма и редизајнираниот кров позитивно влијаат и на просторната понуда – иако меѓуоскиното растојание е исто, C4 X е цели 260 милиметри подолг од C4, а тоа резултира со одличен простор за патниците на задните седишта, но и импресивно голем багажник со капацитет од 510 литри.

Комфорот на задните седишта е исклучително важен за Citroën – самите кажуваат дека C4 X е автомобил во кој самите ќе возите, но и автомобил во кој ќе бидете возени. Дизајнерите на Citroen зборуваат за хуманост, доборостојба и храброст – и токму тоа се истакнува кај C4 X.

Кај финалниот производ, комфорот е на прво место, секако – па затоа ги добиваме Citroen Advanced Comfort седиштата со специјална пена, како и Progressive Hydraulic Cushions амортизерите кои навистина нудат комфор на сосем поинакво ниво.

Е сега, зошто кажуваме дека C4 X е уште еден храбар чекор на Citroën кон електрификацијата. Па, францускиот бренд одлучи дека на дури 14 европски пазари новиот C4 X ќе се нуди исклучиво како електричен автомобил, односно ќе се нуди само e-C4 X.

Кога на извршниот директор на Citroën – Vincent Cobée – му го поставивме прашањето дали ваквата одлука била тешка да се направи, тој ни одговори дека да, на почетокот и самите биле малку исплашени од таквиот предлог, но гледајќи ги бројките и интересот на некои пазари (каде повеќе од 70% од продадените примероци на C4 се електрични), кон самиот крај, одлуката била повеќе од разбирлива. Имавме можност повеќе да поразговараме со Vincent Cobée и наскоро ќе ја пренесеме целата дискусија.

Инаку, покрај целосно-електричната верзија со батерија од 50 kWh и електромотор до 136 коњски сили, на другите пазари (вклучувајќи го и нашиот) новиот C4 X ќе се нуди со 1.2-литарски турбо-бензинец со 100 или 130 коњски сили, како и со 1.5-литарски турбодизел со 130 коњски сили. Само основниот бензинец ќе може да се комбинира со мануелен менувач, додека сите други изведби ќе доаѓаат со одличниот 8-брзински менувач на Citroën.

Производството на новиот Citroën C4 X ќе започне наскоро во погоните на Stellantis во Шпанија, а првите примероци се очекуваат да пристигнат кон крајот на оваа, односно почетокот на следната година. Им благодариме на нашите пријатели од Автонова што не поканија и ние да бидеме дел од оваа премиера и да бидеме меѓу првите во светот кои го видоа C4 X.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.