ТЕСТ: Citroën C4 1.5 BlueHDI 130 Shine – Напредно-комфорен! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Citroën C4 1.5 BlueHDI 130 Shine – Напредно-комфорен!

Со новиот C4, Citroën не само што најавува, туку воведува вистинска свежина во автомобилската индустрија и поставува прашање – што може да направи автомобилот, за додека возиме да се чувствуваме навистина убаво?

Возењето станува обврска. Сакале ние да го признаеме тоа или не, концептот на користење автомобил се менува. Неизбежниот градски метеж, бучавоста… Сето тоа го менува начинот на кој ние го користиме нашиот автомобил – и многу често, наместо да уживаме во возењето, возењето станува причина за стрес.

Но дали мора да биде така? Дали всушност навистина мораме да „трпиме“, наместо да уживаме? Што можеме да направиме за возењето да ни биде пријатно? Што може автомобилот да направи?

Иако не можеме со сигурност да тврдиме, сепак во најмала рака можеме да претпоставиме дека дизајнерите и инженерите на Citroën се обиделе да ги одговорат токму овие прашања додека работеле на новиот C4. Да, рецептот е фундаментално ист со скоро сите други автомобили – четири тркала, неколку седишта и погон кој или работи на сок од диносауруси или на електрична енергија… Но тоа не треба да значи дека сите автомобили се исти, нели?

Во ред, најверојатно сме веќе здодевни со ставот дека Citroën секогаш бил поинаков производител. Моделите на францускиот бренд секогаш биле различни, несекојдневни и со сосем поинаков пристап кон нештата. Малку налудничави? Можеби… Но тоа го прави Citroën бескомпромисно интересен и храбар – и токму тоа му овозможува да го понуди она кое го нуди со C4.

Бензин, дизел или електричен погон – одберете самите.

Од самиот старт, новиот автомобил е развиен да може да понуди неколку различни погонски изведби. Сакате бензинец? Нема проблем. Преферирате турбодизел? Има и тоа. Се чувствувате храбри и подготвени со широки раце да ја прифатите иднината и барате електричен погон? Повелете низ оваа врата, има нешто и за вас. Во ред, во ред – ова веќе и не толку револуционерно, но ја покажува сè пошироката визија на производителите. Веќе никој не се држи грчевито за минатото, туку храбро и подготвено гледа кон иднината.

А иднината… Иднината едноставно треба да биде убава. Да биде комфорна и пријатна. Да биде опуштена и смирена. Ајде да го напуштиме оној концепт дека сите треба да возиме вакви-или-онакви спортски автомобили и повторно да го прифатиме комфорот во нашите животи. Ама оној, вистинскиот, секојдневниот комфор…

Поврзано:  ВОЗЕВМЕ: Зад управувачот на новите Citroën C3 и ë-C3 - Француска револуција!

И токму преку тој муабет пристигнуваме до новиот C4. Новиот C4 е навистина нов – добива нова платформа, нов дизајн, нов ентериер, нови технологии и нови погони – но истовремено задржува една традиционална вредност на Citroën – комфорот.

Новиот C4 е забележителен и храбар.

Но само момент! Пред да зборуваме за платформата, комфорот и ентериерот – ајде малку за дизајнот. Едноставно нема бегање од забележливиот дизајн на новиот C4. Многу малку автомобили не наликуваат на ниту еден друг автомобил, C4 навистина не наликува на ниту еден друг автомобил.

На предниот дел едноставно доминираат големите неколкуделни светла и двојниот шеврон кон се растегнува за да се спои со нив, а од поклопецот на моторот како да се „исечени“ две вертикални целини.

Профилот е издолжен, дури купеовски, со исфрлени тркала и динамична карактерна линија, а на задниот дел вниманието оди директно кон комплексните форми и прекршените задни светла во кои како да препознаваме форми од Citroën BX. Интегрираниот спојлер го двои задното стакло, а околу целиот автомобил има заштитни панели кои на C4 му даваат кросоверест лик.

Дизајнот е забележителен и храбар – и нам навистина ни се допаѓа. Ќе бидеме искрени и ќе признаеме дека имавме одредени резерви кога за прв пат го видовме на фотографии, но во живо навистина ни се допаѓа.

Напредно-комфорен.

Веќе ја споменавме новата платформа. Новата платформа на која е поставен C4 овозможува да се користат современите, иновативни амортизери на Citroën кои користат прогресивни хидраулични перничиња. Звучи комплицирано – но не е. Амортизерите се развиени да користат хидраулични перничиња наместо конвенционалните „стопери“ – а тоа овозможува многу порафинирано да ги „пеглаат“ ситните нерамнини на патиштата од една страна, и многу поконтролирано да ги апсорбираат поголемите вдлабнатини од друга страна. Магија! А ако мислите дека сето ова прави C4 е прекумерно мек и да се навалува во свиоци – ќе згрешите! Напротив, ваквите амортизери овозможуваат одлична контрола на каросеријата и вистинско задоволство е да се оди од свиок во свиок. Да, примарниот фокус на C4 е кон комфорот, но има тука и забава „за имање“, верувајте!

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Citroën ги објави првите фотографии и детали од целосно-новиот C3 Aircross

Втората важна работа се новите седишта кои користат нови, напредни материјали за да понудат идеален комфор во седењето. Под текстилната обвивка, седиштата имаат значително погуста пена која е супер-комфорна и ергономска, а неколкуте различни слоеви и видови на пена овозможуваат дополнително апсорбирање на вибрациите, а сето тоа резултира со уште порафинирано чувство во кабината.

Модерна, комфорна и практична кабина.

Плус, мораме да ја пофалиме кабината на новиот C4. Нивото на завршна обработка и материјалите кои се користени се исклучителни, а вратите се затвораат со пријатен, придушен звук. Кабината е пространа и со многу светлина, а сите команди се лесни за користење.

Пред возачот се поставени дигитални инструменти кои ги покажуваат само најважните информации, додека директно во видното поле е поставен и хед-ап дисплејот.

На централната конзола е поставен новиот – значително побрз и полесен за користење – мултимедијален уред преку кој се контролираат некои од функционалностите во автомобилот, но спротивно на некои од тековните трендови, C4 нуди физички контроли за главните системи – како на пример клима уредот. Ова максимално го поздравуваме!

Уште еден интересен новитет е држачот за таблет поставен пред совозачот. Сакате уште поголем уред за навигација, или нешто слично? Ова е решението кое го преферираме, наместо сè поголемите и покомплицирани мултимедијални уреди. Плус, многу внимание е посветено на тоа како работите се чувствуваат кога ќе ги допрете – од квалитетните материјали и пријатните седишта, па сè до „врталката“ за глас на радиото – сè е пријатно и квалитетно.

Приказната за комфорот продолжува и на задните седишта – или уште подобро, задниот тросед. Задната клупа е подеднакво комфорна како и предните седишта и таму без поголем проблем ќе седнат двајца, па и тројца патници. Низ целата кабина ќе забележите практични елементи – како на пример USB-A и USB-C приклучоците под мултимедијалниот уред, навидум илјадниците места за одлагање ситници и дребулии… Конечно, тука е и багажниот простор кој нуди меѓу 380 и 1250 литри.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Citroen целосно го откри новиот C3 Aircross

Ефикасен и економичен турбодизел.

Нашиот тестен автомобил дојде опремен со 1.5-литарски BlueHDI турбодизел во комбинација со одличниот EAT8 автоматски менувач со 8 брзини. Модерниот BlueHDI испорачува 130 коњски сили при 3750 вртежи во минута и 300 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута. Оваа комбинација од мотор и менувач овозможува забрзување до 100 километри на час за 10.6 секунди и максимални 206 километри на час.

Сето ова е проследено со дури смешно-ниска потрошувачка. За време на неколкудневното дружење со C4 измеривме просечна потрошувачка од 6.1 литар дизел на 100 изминати километри – и тоа во градски услови на возење.

И ако ние се прашуваме, C4 би го комбинирале само со автоматски менувач. Едноставно, опуштената природа на оваа комбинација подобро му прилега на C4 и уште повеќе ја истакнува неговата природа. Го прави полесен за користење како во град, така и на отворено.

Citroën C4 сака да уживате. Уживајте!

Понекогаш е тешко да се најде вистинскиот заклучок за еден автомобил – но со C4 воопшто не е така. C4 гледа кон иднината со нешто од минатото кое како да сме го подзаборавиле. Да – по најверојатно илјадитиот пат во овој текст – комфорот. Односно, уште поточно – Citroën C4 сака да уживате. Се грижи за вас. Сака да ви е убаво и да уживате. Па… Уживајте!

Спецификации

Модел: Citroën C4 1.5 BlueHDI 130 S&S Shine EAT8
Мотор: 1.5-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 130 коњски сили / 3750 вртежи во минута
Вртежен Момент: 300 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 8 брзини
0-100 км/ч: 10.6 секунди
Максимална Брзина: 206 километри на час
Должина: 4355 mm
Ширина: 2032 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1520 mm (со кровни носачи)
Тежина: 1324 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2670 mm
Багажен Простор: 380 – 1250 литри
Потрошувачка: 6.1 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Citroën C4 1.2 PureTech 100 Live Pack – 15.990 Евра
Цена на тестираниот модел: Citroën C4 1.5 BlueHDI 130 S&S Shine EAT8 – 26.140 Евра
Повеќе Информации: Citroën.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.