ПРЕМИЕРА: Volkswagen го претстави електричниот наследник на Passat – добредојде ID. Aero – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Volkswagen го претстави електричниот наследник на Passat – добредојде ID. Aero

Електричниот ID. Aero прво ќе започне со продажба во Кина, а веќе од следната година ќе се произведува за европскиот пазар во фабриката на Volkswagen во Емден.

Од Volkswagen кажуваат дека ова е само „шоу автомобил“, но она кое го гледаме денес е многу, многу блиску до серискиот автомобил кој ќе пристигне следната година. Според најавеното, серискиот автомобил наменет за кинескиот пазар ќе започне со производство во 2023, а европската верзија исто така се очекува во 2023, секако прилагодена за вкусовите на европските купувачи.

Инаку, ID. Aero е голем, скоро 5 метри долг седан и ветува супериорна просторност во кабината благодарение на поефикасното поставување на електричните компоненти. Сега за сега немаме точни информации околу техничките детали, но знаеме дека ID. Aero ќе биде поставен на истата MEB платформа која се користи и за други електрични возила во рамките на Volkswagen групацијата.

ID. Aero заслужено го носи своето име – електричниот седан има коефициент на отпор на воздухот од само 0.23, во комбинација со батеријата со капацитет од 77 kWh, Volkswagen зборува за автономија на електрична енергија (според WLTP) до 620 километри.

Сега за сега, немаме ниту фотографии од ентериерот на ID. Aero, но очекуваме дека електричниот седан ќе ги следи насоките кои веќе ги поставија другите електрични автомобили на Volkswagen – но на сосем повисоко, полуксузно ниво. Наскоро очекуваме повеќе детали!

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.