Во салонот на Мак Аутостар пристигна новиот Mercedes-AMG SL, дизајниран од Славче Таневски! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Во салонот на Мак Аутостар пристигна новиот Mercedes-AMG SL, дизајниран од Славче Таневски!

Најновата генерација на легендарниот SL на Mercedes-Benz пристигна во салонот во Скопје, а дизајнот на моќниот спортски роудстер го потпишува токму македонскиот дизајнер Славче Таневски.

Новиот SL е поставен на целосно-нова платформа за која се користени егзотични материјали – од алуминиум и челик, па сè до магнезиум и композити кои ја прават да биде навистина лесна и напредна. Интересно, новиот SL е дел од Mercedes-AMG семејството, а не од „мејнстрим“ Mercedes-Benz гамата на модели. Во понудата има нудат две погонски опции – обете го користат 4-литарскиот твин-турбо V8, но со различна моќност.

„Основниот“ SL 55 испорачува 470 коњски сили и 700 Nm вртежен момент, додека помоќниот SL 63 испорачува 577 коњски сили и 800 Nm вртежен момент. Одберете го основниот SL 55 и ќе забрзате до 100 километри на час за 3.9 секунди, додека на SL 63 му требаат само 3.6. Максималната брзина е 295 или 315 километри на час.

Примерокот кој е стигнат во Скопје е токму помоќниот SL 63 – а тоа значи уште повеќе насмевки и уште повеќе уживање зад управувачот. Верувајте, во живо новиот SL изгледа навистина убедливо и агресивно, со низок и широк став и своевидна тензична динамичност. А и одлично му прилега оваа интересна Alpine Grey сива боја.

Како што веќе знаеме, дизајнот на новиот SL е дело на македонскиот дизајнер Славче Таневски – вистинска ѕвезда во дизајнерскиот тим на Mercedes-Benz и Mercedes-AMG.

Славче самиот кажа дека дизајнирањето на SL е вистинско остварување на детски сон – и гледајќи го новиот SL „во живо“, едноставно мораме да му веруваме!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.