Mercedes-AMG очигледно сеуште не е целосно подготвен да се збогува со славниот осумцилиндарски агрегат.
Нов шпионски видео-материјал открива мистериозен AMG прототип наречен Mythos како ги минува свиоците на Нирбургринг, а според сите индикации станува збор за целосно ново спортско купе кое би можело да ја пополни празнината меѓу актуелниот AMG GT и легендарниот GT Black Series.

Иако каросеријата е целосно камуфлирана, лесно се забележува дека прототипот е базиран на моделот CLE.
Најинтересниот дел, сепак, е звукот. Од видеото јасно се слуша длабокото ‘ржење на V8 агрегат, што е добредојдена вест за љубителите на традиционалните AMG модели во време кога индустријата сè повеќе се насочува кон електрификација.
Според досегашните информации, новиот модел најверојатно ќе ја користи добро познатата 4.0-литарска твин-турбо V8 единица, но со дополнителни засилувања во однос на перформансите. Не е исклучено да биде комбинирана со благ хибриден систем, со што ќе се исполнат построгите еколошки стандарди без да се жртвува препознатливиот карактер на моторот.

Од снимките може да се забележи и агресивна аеродинамика со проширени отвори за воздух, големи сопирачки и спортско подесена суспензија, што сугерира дека инженерите во Афалтербах сериозно работат на динамиката. Прототипот делува стабилно и исклучително брзо низ легендарната германска патека.
Mercedes-AMG засега не открива официјални детали ниту временска рамка за премиерата, но интензивното тестирање покажува дека развојот е во напредна фаза.
Ако се суди според она што може да се види и слушне, германскиот производител подготвува уште еден модел кој ќе ги израдува ентузијастите што сè уште веруваат дека звукот и карактерот на еден V8 мотор немаат вистинска замена.









