Доделени признанијата Златно Тркало за 2022! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Доделени признанијата Златно Тркало за 2022!

Ние предложивме, а вие ги одбравте победниците. Вчеравечер во свечена атмосфера и на свечена церемонија официјално ги прогласивме Најпосакуваните Автомобилив во Македонија за 2022 – и тоа во пет различни категории!

Заедно со колегите од Автоплус, CarsbyVik и RPM.mk по трет пат ги баравме најпосакуваните автомобили во Македонија. Оваа година се натпреваруваа вкупно 14 различни автомобили во пет различни категории, а победниците ги избравте Вие – нашата публика!

Оваа година баравме најпосакуван семеен, градски, премиум, електрифициран и најпосакуван автомобил во Македонија. Беа направени вкупно 12.216 гласања во петте категории, а победниците неодамна ги објавивме. Вчера, на свечена церемонија и официјално ги прогласивме победниците и им ги доделивме статуетките.

Најпосакуван Градски Автомобил – Peugeot 308

Со освоени 37.70% од гласовите, новиот Peugeot 308 се наметна како доминантен во категоријата. Францускиот хечбек привлекува со динамичниот дизајн, спортските карактеристики и високите технологии. Новиот 308 е достапен со турбо-бензинец, турбодизел или со еден од два хибридни погони.

Најпосакуван Електрифициран Автомобил – Volkswagen ID.4

Првиот електричен SUV на Volkswagen покажува дека и меѓу македонските купувачи има навистина голем интерес за електричните возила, особено кога станува збор за SUV. Електрификацијата зема замав, а купувачите ги препознаваат квалитетите на ID.4, кој ги обединува напредните технологии и предностите на возење електрично возило, со трендовската форма на SUV.

Најпосакуван Семеен Автомобил – Kia Sportage

Новиот Sportage е фаворит меѓу македонските купувачи, и тоа го докажа со 39.11% од освоените гласови во категоријата. Новиот Sportage поставува нови стандарди во класата, благодарение на новите, модерни технологии, авангардниот дизајн и ефикасните мотори, како и долгата гаранција. Веќе традиционално, нашите купувачи редовно го одбираат Sportage – и судејќи по резултатите, очекуваме тоа да продолжи и во иднина.

Најпосакуван Премиум Автомобил – Porsche Taycan Cross Turismo

Првото електрично Porsche е интересен и храбар избор – но не и неочекуван. Премиум автомобилите се борат во навистина конкурентен сегмент, каде ексклузивноста, технологиите и перформансите имаат подеднаков третман – и токму електричниот Porsche Taycan Cross Turismo, со 43.45% од гласовите беше победничкиот избор.

Поврзано:  Новиот Peugeot 3008 пристигна во Македонија!

Најпосакуван Автомобил во Македонија – Volkswagen ID.4

Оваа година, електричниот SUV на Volkswagen ја зема титулата за Најпосакуван Автомобил во Македонија со освоени 38.35% од гласовите. Комбинацијата од електричен SUV, врвни електрични перформанси и моќта на брендот Volkswagen покажуваат дека и кај нашите купувачи има вистински интерес за електрични возила. Се надеваме дека трендот ќе продолжи и во иднина.

Горди сме што и оваа година успеавме да привлечеме навистина многу гласови и „да го опипаме пулсот“ на купувачите на нови возила во Македонија. Нè радува фактот дека македонските купувачи полека но сигурно јавуваат вистински интерес за електричните возила и дека електричната мобилност ќе стане реалност и кај нас. Ви се заблагодаруваме на сите за гласањето и за тоа што и понатаму нè поддржувате во нашите обиди да донесеме интересни и несекојдневни содржини.

Уште еднаш им честитаме на победниците и најавуваме дека веднаш започнува следниот циклус!

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.