ТЕСТ: Kia Sportage 1.6 T-GDI 150 Reference 3 DCT7 – Референтна точка во класата. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Kia Sportage 1.6 T-GDI 150 Reference 3 DCT7 – Референтна точка во класата.

Новиот Sportage ветува многу – но дали ги исполнува очекувањата? За да дознаеме, го возевме врвно-опремениот Sportage во комбинација со 1.6-литарски турбо-бензинец.

Има некои модели со кои се споредуваат сите други. Дури има има и одредени класи кои носат име по одредени модели. Секогаш имало модели кои биле некаква референтна вредност, некаков фактор со кој се споредуваат сите други. Другите модели може да бидат полоши, може да бидат и подобри – но се споредуваат токму со тој модел.

Зошто ја започнуваме дискусијата за новиот Sportage со овој муабет? Па, по поминат викенд со новиот корејски SUV, мислиме дека токму Sportage ќе биде оној референтниот модел со кој ќе се споредуваат сите други. Да започнеме!

Нов Sportage – нова платформа, нов дизајн, нови технологии!

Новиот Sportage е навистина нов. Не само што воведува грст нови технологии во кабината, кај Sportage дебитираат и нов дизајн, како и нови, електрифицирани погони кои ја носат Kia во неизбежната хибридна иднина. Некои работи веќе ги нема – стариот 1.6-литарски атмосферски бензинец оди во боречка пензија, но некои работи се вистинско освежување – како на пример 1.6-литарскиот T-GDI турбо-бензинец со 150 или 180 коњски сили. Плус, наскоро на нашиот пазар ќе пристигнат и хибридниот Sportage, а неизбежен е и плаг-ин хибридот со 265 коњски сили!

Како што вообичаено правиме, ајде прво да зборуваме за дизајнот. Новиот Sportage изгледа храбро. Дизајнот има свои критичари, но ќе признаеме дека откако го видовме во живо – „ни легна“. На предниот дел доминираат несекојдневни форми и текстури, како и комплексни предни светлосни групи со закривени вертикални дневни светла.

Профилот е изненадувачки динамичен (за SUV), а онаа декоративната хромирана лајсна која се крши во Ц-столбот е фантастичен детал. На задниот дел вниманието оди кон навистина несекојдневните задни светла и новото лого на Kia. Детал кој не ни се допаѓа баш е големиот црн елемент во задниот браник.

Од друга страна, ни се допаѓаат можноста да го нарачате Sportage со црн кров (решение кое за прв пат се нуди кај корејскиот SUV), како и хоризонталната декоративна лајсна во маската на ладилникот. Има уште милион мали детали кои го привлекуваат вниманието и прават Sportage да се истакнува меѓу конкуренцијата – особено во ваква храбра, самоуверена боја. Всушност, реакциите на минувачите беа особено позитивни – на луѓето едноставно им се допаѓа Sportage!

Поврзано:   Дамите го одбираат Women's Worldwide Car of the Year - ова се финалистите!

Квантен скок во кабината.

Одиме внатре! Во кабината на новиот Sportage се забележува вистински квантен скок во однос на минатата генерација. Кабината е темелно дигитализирана, но со задржани физички контроли за најважните детали. Јадрото на кабината се двата нови, 12.3-инчни екрани – едниот за возачот, едниот на централната конзола. Дигиталните инструменти пред возачот се лесни за читање и интерпретирање, а нудат и многу можности за конфигурација.

На централната конзола е поставен уште еден ист ваков екран, каде се поставени мултимедијалните функции и навигацијата. Секако, мултимедијалниот уред има и можност за Android Autо и Apple CarPlay поврзување, а одличен додаток е и безжичниот полнач за мобилни уреди.

Под мултимедијалниот уред е вграден втор дигитален панел каде алтернативно се поставени контролите за клима-уредот или за аудио-системот и навигацијата. На прв контакт е малку конфузно – но по само неколку минути станува лесно и логично за користење. Околу возачот и совозачот има многу места за одлагање дребулии, а на централниот гребен се поставени и кружниот контролер за автоматскиот менувач и селекторот на режими за возење.

На задната клупа има изненадувачки многу простор, плус се нагодува аголот на задниот наслон – а со тоа се зголемува комфорот за задните патници. Секако, има и грст супер-практични детали – како на пример задниот панел за контрола на клима уредот, загревањето на задните седишта и USB-C приклучоците вградени во наслоните на предните седишта. Влегувањето и излегувањето е прилично лесно благодарение на широките врати, а патниците на задната клупа ќе имаат повеќе од доволно простор како за главите, така и за нозете.

Секако, бидејќи Sportage е наменет да биде и практичен семеен транспортер, не смееме да заборавиме да го споменеме и багажникот – со исправени задни седишта ќе имате на располагање импресивни 526 литри, а кога ќе ја преклопите задната клупа ќе добиете импресивни 1715 литри достапни преку широка петта врата. Интересно решение се и „закачалките“ за поголеми парчиња облека кои се вградени во наслоните за глави на предните седишта.

Поврзано:   ТУРБО ТЕСТ: Kia Sportage 1.6 T-GDI HEV AWD Executive - Поефикасен и помоќен Sportage

Сè на сè – кабината на Sportage е вистински импресивна. Нуди многу простор и врвна практичност, во комбинација со навистина добар однос меѓу дигитални и физички контроли. Немаме никакви забелешки ниту на материјалите – скоро сè што редовно ќе допирате е покриено со квалитетен и фин материјал. Единствената забелешка која ја имаме е на пијано-црниот финиш на централниот гребен. Се надеваме дека трендот за пијано-црни елементи набргу ќе помине – бидејќи ваквиот финиш е магнет за прав и отпечатоци од прсти, и едноставно никогаш не изгледа чист.

1.6-литарски турбо-бензинец со лесен хибрид кој цели над својата класа.

Океј, ајде малку за моторот. Нашиот Sportage дојде со 1.6-литарски четирицилиндерски T-GDI кој испорачува 150 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 250 Nm вртежен момент од 1500 до 4500 вртежи во минута. Дополнително, 48-волтниот MHEV (mild hybrid) систем нуди соработка со стартер-генератор и мала батерија со капацитет од 0.55 kWh – а сето тоа резултира со одлични перформанси и подобрена ефикасност. Во нашиот случај, системот ја испорачуваше силата кон предните тркала преку одличен 7-брзински DCT менувач со двојна спојка – а резултатот е… Изненадувачки!

Иако „на хартија“ погонот нуди 150 коњски сили, во реалноста чувството е како да се значително повеќе – еластичноста на погонот значи дека скоро во секоја ситуација, Sportage изненадува со неговите перформанси. Според официјалните податоци, вака-конфигурираниот Sportage забрзува до 100 километри на час за 9.6 секунди, и постигнува максимални 189 километри на час. За време на тестирањето измеривме просечна потрошувачка во градски услови која се движеше околу 8.5 литри на 100 изминати километри – тоа се должи и на MHEV системот кој овозможува моторот целосно да се изгаси кога „едрите“.

Максимално неутрален зад управувачот.

Каков е Sportage зад управувачот? И тука имаме пофални зборови. Иако се работи за (сега веќе прилично) голем SUV, управувањето е неутрално а масата е одлично-контролирана. Дури и при подинамично возење (во Sport режим), навалувањето во свиоци е контролирано, без притоа да има негативни ефекти во однос на комфорот. Дури и кога ќе претерате, нема нагласена наклонетост кон подуправување и надуправување – Sportage успева да остане неутрален до самиот лимит.

Поврзано:   Дамите го одбираат Women's Worldwide Car of the Year - ова се финалистите!

Од друга страна, суспензијата успева одлично да ги исфилтрира нерамнините од градските улици, дури и на големите 18-инчни тркала на тестниот модел. Како и кај секој автомобил со електрично серво-управување – едноставно нема премногу повратни информации од подлогата, но не би го карактеризирале тоа како недостаток. Всушност, можеби е и позитивна работа, ако го прифатиме Sportage како комфорен и опуштен транспортер.

Низ град маневрирањето е лесно – тука помагаат големите стаклени површини и релативно високата седечка позиција (иако седиштата се спуштаат изненадувачки ниско). Секако, маневрирањето и паркирањето го олеснуваат камерите и сензорите – а ќе ги издвоиме камерите кои се активираат кога ќе пуштите трепкач и во дисплејот пред возачот ја покажуваат слепата точка.

На отворено, Sportage лесно го наоѓа своето темпо и подготвено голта километри. Ќе ги пофалиме звучната изолација и чувството на рафинираност во кабината. Дури и на повисоки брзини, лесно се разговара со сопатниците без да има потреба од надвикување.

Sportage дефинитивно ќе ја отежни работата на конкуренцијата.

И сега, ајде да одговориме на прашањето – дали новиот Sportage е референтна точка во сегментот? Па, иако не сме ги возеле другите верзии на Sportage (а наскоро ќе возиме уште неколку различни изведби, со друга опрема и други погонски опции), можеме да кажеме дека ваков, врвно-опремен Sportage поставува и надминува навистина високи очекувања. Нуди комбинација од авангарден дизајн, врвен ентериер и моќен турбо-бензинец. Дефинитивно ќе ја отежни работата на конкуренцијата.

Спецификации

Модел: Kia Sportage 1.6 T-GDI 150 MHEV Reference 3 DCT7
Мотор: 1.6-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 150 коњски сили / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 250 Nm / 1500 – 4000 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 7 брзини со двојна спојка
0-100 км/ч: 9.8 секунди
Максимална Брзина: 189 километри на час
Должина: 4515 mm
Ширина: 1865 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1650 mm
Тежина: 1580 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2680 mm
Багажен Простор: 526 – 1715 литри
Потрошувачка: 8.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Kia Sportage 1.6 T-GDI 150 2WD MT6 First Edition – 24.900 Евра
Цена на тестираниот модел: Kia Sportage 1.6 T-GDI 150 MHEV Reference 3 DCT7 – 36.800 Евра
Повеќе Информации: KIA.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.