ПРЕМИЕРА: Renault го претстави новиот Austral! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Renault го претстави новиот Austral!

Renault денес официјално го претстави новиот SUV кој се вика Austral, и кој е наследник на супер-успешниот Kadjar.

Новиот SUV на Renault не само што воведува нова платформа и нов дизајн, истовремено воведува и електрификација, како и Esprit Alpine верзија со поспортски манири.

Austral е поставен на најновата CMF-CD платформа на Renault-Nissan алијансата, а тоа овозможува да се користат најновите мотори и технологии на францускиот бренд. Основен мотор е докажаниот 1.3-литарски турбо-бензинец со лајт-хибридни технологии кој испорачува 140 или 160 коњски сили. Основната верзија се комбинира со мануелен менувач, додека помоќната верзија може да се добие со автоматски менувач. Скалило погоре е нов, 3-цилиндерски 1.2-литарски турбо-бензинец кој според Renault е вистинска алтернатива на турбодизелите. Овој мотор се комбинира со 48-волтна литиум-јонска батерија и испорачува 130 коњски сили.

Сепак, најверојатно најинтересен е новиот E-Tech хибрид. Оваа верзија го користи 1.2-литарскиот бензинец, но во комбинацијата е додаден електромотор и стартер-алтернатор. Оваа комбинација нуди 160 или 200 коњски сили, а според Renault, хибридниот Austral може да помине до 80% од километрите (во градски услови) на електрична енергија. Според мерењата на Renault, оваа верзија троши дури 40% помалку гориво во однос на SUV со конвенционален мотор.

Инаку, дизајнот е агресивен и динамичен, со нагласени мускулести форми. На предниот дел забележуваме големи светлосни групи, формата е типична за еден SUV, додека на задниот дел светлата наликуваат на оние кај Captur, но во уште посовремена и поостра форма. Браво за дизајнот, полн погодок! Интересен новитет е Esprit Alpine верзијата која додава спортски детали, специјална мат-сива боја, 20-инчни тркала, сатенски црни кровни носачи и грст други детали. Кабината добива алкантара и Напа кожа, алуминиумски детали и многу, многу повеќе.

Поврзано:  Новиот Symbioz пристигна во салонот на Renault во Скопје

Кога сме кај кабината – пред возачот се поставени дигитални инструменти на 12.3-инчен дисплеј, а на централната конзола е поставен голем 12-инчен вертикален екран. Мултимедијалниот систем користи технологии од Google, а може да се нарачаат и премиум компоненти – како на пример аудио уред од Harman Kardon.

Продажбата ќе започне во втората четвртина од годинава, а првите испораки се очекуваат оваа есен.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.