ПРЕМИЕРА: Volkswagen го претстави електричниот ID. Buzz! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Volkswagen го претстави електричниот ID. Buzz!

Наследникот на легендарниот VW Bus е електричен, модерен и супер-фраерски!

Кога Volkswagen уште пред неколку години го најави електричното комбе, фановите беа возбудени. Сега, кога го гледаме финалниот модел – навистина има зошто да бидеме возбудени!

ID. Buzz ќе се нуди во неколку различни изведби – понатаму ќе биде понудена и верзија со подолго меѓуоскино растојание, а на самиот старт ќе се нудат регуларниот ID. Buzz, како и товарниот ID. Buzz Cargo. На почеток е се нудат верзии со пет седишта, а понатаму ќе се нудат верзии и со други конфигурации.

Секако, ID. Buzz е базиран (хе-хе) на MEB платформата на Volkswagen наменета за електрични возила. Ќе се нуди со батерија со капацитет од 82 kWh (достапни 77 kWh) и електромотор со моќност од 201 коњска сила и 310 Nm вртежен момент, кои ќе се пренесуваат кон задните тркала. Интересен детал е можноста за двонасочно полнење кај ID. Buzz – односно можноста ID. Buzz да испорачува струја кон напонската мрежа. На обичен полнач, ID. Buzz ќе може да се полни со моќност до 11 kW, односно до 170 kW на брз полнач. Според VW, ова значи полнење од 5 до 80% за околу 30 минути.

Инаку, ID Buzz изгледа навистина фраерски. Препознаваме детали кои им намигнуваат на легендарните стари комбиња на Volkswagen – како на пример големиот VW знак поставен на предниот дел. Формата е „коцкаста“ за максимално да се искористи присторот, надвисоците се кратки а достапна е опција за каросерија во две бои. На предниот дел се поставени широки, хоризонтални предни светла и преден браник со интересни отвори за воздух, додека на задниот дел вниманието оди кон „едноделниот“ светлосен елемент и – повторно – големиот знак на VW.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: ВО чест на 50 години Golf - GTI Clubsport има 300 коњски сили!

Кабината е максимално функционална, со висока и прегледна возачка позиција и огромен фокус даден на практичноста. Предната конзола е „варијација на тема“ на онаа која веќе ја знаеме од ID. 3 (нашиот тест на електричниот ID.3 можете да го погледнете тука), а ни се допаѓаат и двобојните седишта и чувството на пространост. Секако, приказната ја заокружува и багажниот простор од дури 1121 литар. Секако, задната клупа е деллива и преклоплива – па доколку ви треба уште повеќе простор…

ID. Buzz ќе биде достапен за нарачка од Мај, а првите примероци ќе бидат испорачани во третата четвртина од оваа година. Се надеваме дека наскоро ќе пристигне и кај нас!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.