full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: BMW го претстави монструозниот Concept XM SUV

Со новиот концепт, BMW го најавува првиот вториот независен М-модел во историјата, но и првиот M-SUV и најмоќниот M-модел во историјата!

Вториот независен М-модел во историјата на BMW (по спектакуларниот М1 од 70-тите години на минатиот век) е придвижуван од плаг-ин хибриден погон кој комбинира моќен V8 со батерии и електромотор за да испорача 750 коњски сили и моќни 1000 Nm вртежен момент. Тоа значи дека ова не само што е првиот независен SUV модел на М-дивизијата, туку е и најмоќниот М-модел во историјата и првиот PHEV!

Иако официјално го декларира како концепт, сепак BMW потврди дека серискиот модел базиран токму на овој концепт ќе го видиме пред крајот на идната година. Сега за сега немаме никакви информации за перформансите – ниту на концептот, ниту на серискиот модел – но сепак со оглед на бројките, очекуваме тие да бидат импресивни.

Дизајнот на концептот е – во најмала рака – контроверзен. Дизајнот нема да биде по сечиј вкус, но ќе им подадеме рака на дизајнерите на BMW и ќе им честитаме за храброста и подготвеноста да претстават ваков поларизирачки модел. На предниот дел доминираат големите отвори за воздух околу кои се поставени тенки и дискретни предни светлосни групи.

Профилот го дефинираат карактерната линија и ниската кровна линија, а на задниот дел дизајнот е убедливо најагресивен – под тенките, но сепак комплексни задни светла е поставен огромен елемент кој треба да симулира дифузер, а во него вертикално се поставени завршетоците на издувниот систем.

XM е поставен на огромни 23-инчни тркала обвиени во спортски пневматици, а самиот факт дека тие не изгледаат преголеми би требало да наговести колку е всушност голем овој концепт. Како и многу други концепти на BMW во изминативе неколку години, не би го нарекле XM традиционално убав автомобил, но BMW дизајнира за иднината, а тоа ни се допаѓа.

Кабината на концептот е веќе нешто поблиску до серискиот модел кој треба да пристигне следната година. Всушност, во кабината препознаваме елементи ги видовме и кај електричниот iX кој неодамна го возевме во Германија и Австрија – особено двојните екрани за најновата генерација на iDrive системот. Има и други елементи кои ни се препознатливи – како на пример централната конзола и контролите вградени во неа – веќе ги знаеме од други модели на BMW, а тоа навестува дека концептот е навистина блиску до сериско производство.

Поврзано:   BMW M3 Edition 50 Jahre ги добива спектакуларните Techno Violet и Interlagos Blue!

Во кабината се користени и интересни и несекојдневни – особено за М-дивизијата – материјали. Забележуваме интересно испреплетен карбон, супер-луксузна кафена кожа и бакарни детали, плус материјалот на кровот е навистина интересен.

Сето ова резултира со несекојдневен, интересен и храбар пристап – и искрено, така и треба да биде. Сега за сега немаме информации за перформансите, но знаеме дека XM ќе може да помине околу 50-тина километри на електрична енергија. Но она што е навистина за поздрав е храброста на дизајнерите и инженерите на BMW и BMW M – храброста да ги игнорираат претпоставките и да направат навистина радикална отстапка. Го очекуваме и серискиот модел!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.