ВОЗЕВМЕ: Два дена низ Баварија зад управувачот на електричниот BMW iX! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: Два дена низ Баварија зад управувачот на електричниот BMW iX!

На покана на BMW, имавме можност да поминеме два дена зад управувачот на новиот, радикален, хај-тек електричен SUV на баварскиот бренд. Колку радикален? Па, дури ни името не влегува во ниту една номенклатура на BMW!

Кога ги прашавме луѓето од BMW зошто новиот iX ја заобиколува стандардната номенклатура на баварскиот бренд и нема бројка во името, самоуверено ни одговорија дека тоа е бидејќи iX е замислен да ги скрши сите правила и да биде вон-сегментен автомобил. „Ако се вика iX5 ќе го споредувате со X5, ако се вика iX7 ќе го споредувате со X7 – но iX е многу повеќе од тоа.“

Храби зборови, храбри. Но по два дена зад управувачот на iX и можноста одблиску да запознаеме – им ја разбираме храброста.

Ајде прво за она кое не го гледаме. iX е поставен на целосно-нова платформа која користи егзотични материјали во конструкцијата. Сакате пластика зајакната со карбонски влакна? Нема проблем. Сакате цврст и лесен алуминиум? Има и тоа. Супер-цврст челик? И тоа.

Таа супер-напредна платформа се комбинира со петта генерација електромотори на BMW, како и нова, модуларна и ефикасна батерија со достапен капацитет од 105 kWh (кај врвниот iX xDrive50 кој ние го возевме). Резултат на сето тоа? Како ви звучат 524 коњски сили и 765 Nm вртежен момент достапни „од нула“? Како ви звучат „стотка“ за спортски 4.6 секунди и максимални 200 километри на час? Како ви звучи автономија од преку 500 километри – и тоа според строгите WTLP мерења?

Храбар, забележителен дизајн.

Сепак, пред да продолжиме понатаму – мораме да зборуваме за дизајнот. Да, дизајнот е различен, дури би рекле и поларизирачки. Не, нема да се допадне секому – но тоа е поентата. Да беше уште еден обичен, генеричен SUV немаше да зборуваме за него – но целта е постигната. Зборуваме за iX. Можеби нема секому да се допадне – но секој ќе го забележи. На предниот дел едноставно доминира големата предна маска. Неретко го користиме тој термин, но овој пат е навистина така – маската доминира.

Околу неа се поставени тенки хоризонтални предни светла, а под нив се вертикалните насочувачи на воздухот. Океј, пристапот е можеби несекојдневен, но не можеме да не ги прифатиме резултатите – iX има коефициент на отпор на воздухот од само 0.25 Cd!

Поврзано:   Во салонот на BMW во Скопје пристигна новиот X2

Профилот е типичен за SUV, но огромните рамнини ги „прекршуваат“ агресивно-исфрлените крила и ниско-поставената профилна линија. На задниот дел вниманието оди директно кон тенките, хоризонтални светла кои на iX му даваат нагласено-футуристички лик – одлично би се вклопил во Sci-Fi филм кој се случува неколку стотици години во иднината.

Во дискусија со нашите домаќини од BMW, тие самите ни кажаа – „Знаеме дека дизајнот е поларизирачки. Но сите зборуваат за него. Ако не бевме храбри, ова ќе беше само уште еден електричен SUV. Но сите зборуваат за iX!“. Самоуверено, нели?

Супер-просторна, беспрекорно-мирна кабина со многу нови технологии и врвни материјали.

Ја отвораме вратата и првата работа која ја забележуваме е „голиот“ карбон. Да, инженерите на BMW се толку уверени во квалитетот на платформата, што дури ќе ви овозможат да ја видите на секое влегување и излегување. Кабината наметнува нови стандарди и ги носи работите најмалку еден чекор нанапред.

Во кабината преовладува чувство на рафинираност и квалитет – и тоа на ниво кое би го очекувале кај врвен луксузен бренд како Rolls-Royce (намиг-намиг). Големите стаклени површини и просторноста наметнуваат чувство на мир и комфор – а сето тоа е дополнително истакнато преку екстремно-квалитетните (и на некои места природни) материјали.

Пред возачот е поставен 12.3-инчен дигитален инструмент-панел, а веднаш до него е поставен 14.9-инчен екран наменет за мултимедијалните содржини и навигацијата. Двата екрани се поставени на еден закривен панел, а сето тоа изгледа многу минималистички и привлечно. Меѓу возачкото и совозачкото седиште има лебдечка конзола на која се поставени iDrive контролерите, drive-селекторот и уште неколку други контроли.

Поврзано:   Серијата 4 на BMW добива освежување

Седиштата се супер-комфорни, а низ целата кабина има многу простор за одлагање дребулии, како и USB-C конектори за мобилен телефон и многу, многу други хај-тек детали. Има и несекојдневни елементи – како на пример кристалните контроли за седиштата кои се поставени на вратите, или пак кристалниот контролер за iDrive изработен од Swarovski.

Кога сме кај високите технологии, ајде малку и за технологиите кои дебитираат кај iX. Пред да зборуваме за нив, само ќе напоменеме дека iX користи најнова генерација на процесори и всушност има 20 пати (да, 20 пати) повеќе процесорска моќ од било кое BMW досега. Поставен врз сета таа процесорска моќ е новиот iDrive 8 опреативен систем кој нуди супер-брзо 5G поврзување, целосна интеграција со мобилен телефон, систем за надградена реалност и многу, многу повеќе.

Надградена реалност? Па да, покрај огромниот head-up дисплеј кој е во боја и со висока резолуција, тука е и системот за надградена реалност кој на централниот дисплеј ви прикажува директни инструкции што треба да правите, поставени врз снимка „во живо“ од патот пред вас. Така едноставно нема шанси да „промашите“ излез од автопат или пак да свртите на погрешно место.

iX е голем, но лесен за секојдневно користење

И всушност, сето тоа значи дека (и покрај големината) iX е неверојатно лесен за секојдневно користење. Ако кај некои од конкурентите технологиите не се баш најлесни за користење, кај iX се изненадувачки достапни и интуитивни. Да, секако – како и кај секој друг нов автомобил потребно е одредено навикнување и учење на нештата, но тоа се прави прилично брзо и потоа користењето на iX е супер-лесно.

Поврзано:   BMW ги покажа новите Серии 5 и i5 Touring

Кога сме веќе тука, ајде малку и за возењето. iX може да се нарача со напредна воздушна суспензија (која е стандардна кај iX xDrive50) и големиот електричен SUV се трансформира од цврст спортски проектил во супер-комфорен, луксузен, рафиниран проектил. Ако мораме да одбереме, би кажале дека токму комфорниот режим највеќе му одговара на iX – да, гените на BMW се тука, но „нема бегање“ од реалноста дека iX тежи повеќе од 2.5 тони и дека е во вистински елемент кога се користи како комфорен, брз и супер-рафиниран крстосувач.

А користењето е лесно – перформансите прават сè да биде полесно. Само притиснете ја десната педала и ќе бидете однесени нанапред со итност која како да ја негира физиката. Од свиок во свиок, се препознаваат гените на BMW и iX успешно ја менува насоката на движење – но сепак се чувствува инерцијата од големината и тежината на електричниот SUV – сите тие батерии тежат. Но гледано чисто од аспект на перформансите – забрзувањето е спектакуларно. Дури би рекле – насилно.

iX е технолошки tour de force за BMW – и успешно ги крши сегментите

Но на крајот на денот, iX е голем, комфорен, рафиниран и луксузен крстосувач каде технологијата го има приматот – почнувајќи од платформата, преку батериите и електромоторите, па сè до технологиите кои се дел од самиот автомобил. Ова е технолошки tour de force за BMW – баварците ја искористиле сета експертиза за да понудат автомобил кој не само што ќе се бори со директните конкуренти, туку ќе им покаже и на супер-луксузните брендови дека сегментите не се така строго дефинирани како што мислиме. iX гордо ги крши сегментите – и успева да се позиционира на многу, многу висок пиедестал.

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.