ПРЕМИЕРА: Škoda официјално го претстави освежениот Karoq – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Škoda официјално го претстави освежениот Karoq

По неколкуте најави, чешкиот бренд денес го претстави освежениот Karoq – и супер-популарниот SUV на Škoda добива дискретни визуелни измени, но и поефикасни мотори и понапредни технологии.

Визуелните измени се прилично дискретни – на предниот дел забележуваме редизајнирани и потенки предни светла (кои сега имаат LED Matrix технологија), редизајниран браник со поголеми отвори за воздух и нова маска на ладилникот.

Профилот е непроменет, но добиваме нови дизајни на тркалата со дијаметар од 17 до 19 инчи, а одредени тркала добиваат и пластични аеро-елементи за подобрена аеродинамика. Задниот дел добива редизајнирани задни светла позаострени детали на задниот браник. Интересно, сите овие измени позитивно влијаат на аеродинамиката, па Karoq сега има коефициент на отпорот од само 0.30 Cd.

Кабината на Karoq сега стандардно ќе доаѓа со 8-инчни дигитални инструменти, а ќе може да се нарача и 10.25 инчен панел. Надградени се и инфозабавните уреди а најголемиот е со дијагонала од 9.2 инчи. Сите мултимедијални уреди доаѓаат со соодветни апликации – како што се Вести, Временска Прогноза и Календар. Секако, системите имаат целосна поддршка за Android Auto и Apple CarPlay. Освежениот Karoq може да има и до 9 воздушни перничиња, а добива системи како Park Assist, Trailer Assist, Area View, Travel Assist итн.

Фановите на поспортските детали ќе можат да го нарачаат Karoq со Sportline палет кој вклучува пијано-црни и карбон детали, црн тапацир на кровот и спортски седишта. Секако, Karoq и понатаму е еден од најпрактичните модели во сегментот, со багажен простор од 521 литар со исправени задни седишта, односно 1630 литри со спуштени задни седишта. Но одете чекор понатаму и нарачајте ги Varioflex седиштата и багажниот простор варира меѓу 588 и 1810 литри.

Поврзано:  Пристигна освежената Škoda Octavia!

Во однос на портфолиото на погонски единици, Karoq ќе се нуди со 1-литарскиот TSI кој нуди 110 коњски сили, 1.5-литарскиот TSI со 150 коњски сили или пак моќниот 2-литарски TSI со 190 коњски сили. Основниот бензинец може да се комбинира со мануелен менувач, средната опција може да се комбинира со мануелен или автоматски, а најмоќниот е достапен само со DSG менувач и може да се комбинира само со Karoq Sportline и погон на сите четири тркала.

Доколку сакате турбодизел, тука е одличниот 2-литарски TDI со 116 или 150 коњски сили, кој може да се комбинира со мануелен или автоматски менувач, а за посилната верзија достапен е и погон на сите четири тркала.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.