full screen background image
Search

Manhart го направи BMW 850i Convertible помоќен од M8 Competition

Германскиот тјунер претстави нов тјунинг пакет наречен MH8 700 Convertible, наменет за сопствениците на BMW 850i, кои сакаат повеќе сила и од најбрзата M8 варијанта.

Тјунинг пакетот вклучува ремапирање на компјутерската единица на моторот, надградени турбополначи, нов интеркулер, како и спортски филтер за воздух за 4.4-литарскиот битурбо V8 агрегат, заедно со дополнителни зајакнувања на осум-степениот автоматски менувач.

Како резултат на ова, силата и вртежниот момент на моторот се зголемени од стандардните 530 кс и 750 Nm на импресивни 715 кс и 925 Nm. Ова го прави автомобилот посилен од стандардната M8 Competition изведба, која располага со 626 кс и 750 Nm вртежен момент.

Автомобилот е исто така опремен со Manhart издувен систем од нерѓосувачки челик со контролирачки клапни и четири карбонски или керамички обложени завршетоци. Како опција може да се нарачаат и цевки со поголем проток без катализатор, како и отстранување на филтерот за честички.

Системот за сопирање останува ист, но суспензијата е надградена со H&R пружини, кои го приближуваат 850i за 30 милиметри кон подлогата.

MH8 700 Convertible визуелно се разликува од стандардниот модел благодарение на додадениот сплитер, лип спојлер и дифузер, сите направени од јалеродни влакна. 20-инчните Manhart Concave One фелни се обвиени во пневматици со профил од 245/35 напред и 275/30 назад.

Визуелните модификации на екстериерот ги комплетираат лентите во златна боја, додека измените во кабината вклучуваат карбонски детали на воланот и лопатките од менувачот.

Актуелната генерација на BMW Серија 8 ќе добие обновување во 2022, па многу веројатно е дека надградбите од Manhart ќе бидат компатибилни и кај освежениот модел.

Поврзано:   Manhart MHX6 е тука за да го привлече вниманието на сите


Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.