full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: BMW оди во стратосферата со M8 и M8 Competition

BMW ги претстави врвните изведби на големата Серија 8 – M8 Coupe и Convertible напаѓаат со 600, а М8 Competition Coupe и Convertible добиваат по 625 коњски сили!

Сите верзии го користат 4.4-литарскиот твин-турбо V8 кој доаѓа од M5 – и во големата Серија 8 овој мотор испорачува 600 коњски сили и 750 Nm вртежен момент кај M8 Coupe и Convertible, односно 625 коњски сили кај M8 Competition Coupe и Convertible. Сите верзии добиваат супер-софистициран xDrive погон на сите четири тркала, како и 8-брзински Steptronic автоматски менувач. „Обичниот“ М8 забрзува до 100 километри на час за само 3.3 секунди (3.4 за кабриолетот), додека кај M8 Competition таа бројка паѓа на само 3.2 секунди (односно, 3.3 за кабриолетот).

Инаку – ако мислите дека одлуката да се стави xDrive систем за погон на сите четири тркала некако ќе ја намали забавата, грешите. Системот нуди 4WD и 4WD Sport режими на работа, а ако ја деактивирате контролата за стабилност можете да одберете и 2WD режим кој ја испорачува сета сила само кон задните тркала. Понатаму, M8 добива и ревидирана суспензија со адаптивни амортизери, како и M Servotronic електромеханичко управување. Шасијата добива челична X-преграда, како и ревидирани компоненти од суспензијата.

Сакате дополнително да го опремите вашиот М8? Можете да нарачатe M карбон-керамички сопирачки, а во секој случај ќе добиете напреден систем за сопирање каде ќе можете да изберете два режими на работа – еден ориентиран кон комфорно возење, а другиот нуди многу подирекно чувство на педалата за сопирање.

Новиот M8 ќе го препознате по поострите браници, пошироките крила и многуте М-ознаки. Дополнително, ќе добиете и редизајнирани странични ретровизори, како и ревидиран заден дел со изразен спојлер и нов дифузер – чија задача е да ја подобрат аеродинамиката. Стандардно ќе се нудат 20-инчни тркала, обвиени во супер-спортски пневматици.

Поврзано:   BMW полека но сигурно ја открива новата Серија 1

Моќно, нели?



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.