EV9 концептот на Kia најавува нов голем електричен SUV – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

EV9 концептот на Kia најавува нов голем електричен SUV

Концептот кој Kia го претстави во Лос Анџелес е поставен на E-GMP платформата на брендот и најавува нов, голем електричен SUV кој би требало да може да помине околу 500 километри со полни батерии.

Сега за сега, Kia не објавува никакви технички детали околу концептот, но потврдија дека иако се работи за концептно возило, EV9 може да помине скоро 500 километри со полни батерии. Дополнително, концептот доаѓа со „ултра-брза технологија за полнење од следната генерација“ која овозможува полнење на батериите од 10 до 80% за помалку од 30 минути – со пристап до доволно брз полнач, секако.

Веќе знаеме дека E-GMP платформата на Kia овозможува различни погонски конфигурации, а сериската верзија на EV9 најверојатно би била со погон на сите четири тркала. Во комбинација со храбриот дизајн, серискиот модел би требало да биде особено интересен. Дизајнот е типичен за концепт – храбар и несекојдневен, но со оглед на тоа дека последниве неколку години концептите на Kia верно се пресликуваат во сериски модели, би очекувале дека и серискиот EV9 ќе изгледа несекојдневно и привлечно.

Инаку, целата предна маска е дигитализирана со LED светла скриени позади „ликот“ на EV9. Вградени се и соларни панели кои ќе овозможат полнење на батериите, но сега за сега не знаеме колку енергија би можеле да обезбедат.

Забележуваме и детали кои на прв поглед се „концептски“, но некои производители веќе ги нудат и кај сериските автомобили – како на пример страничните камери кои ги заменуваат конвенционалните ретровизори. Аеродинамиката е подобрена и преку кровните носачи кои се вовлекуваат во кровот кога не се потребни.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Kia EV3 ќе го освојува пазарот со автономија до 600 километри!

Кабината е модуларна – па кога EV9 е во движење, сите три реда седишта се насочени нанапред. Но кога ќе паркирате тука е Pause Mode режимот – првиот и третиот ред седишта се вртат еден кон друг, а вториот ред се трансформира во масичка.

Интересен е и Enjoy Mode режимот – седиштата се вртат кон големата врата од багажникот, а кога таа е отворена се овозможува непречен поглед за можност за уживање во околината.

Не можеме да знаеме колку од овие решенија ќе најдат своја примена и кај серискиот модел, но знаеме дека сериската верзија базирана на концептот се очекува во 2024.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.