full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota Camry 2.5 Hybrid Luxury – И понатаму знаменосец!

Кога пред скоро две години за прв пад седнавме зад воланот на Camry, рековме дека е најдоброто од Toyota. Сега, две години подоцна, дали е тоа сè уште така?

Да, кога го возевме Camry, рековме дека е најдоброто од Toyota. Комбинацијата од моќен и ефикасен хибриден погон, врвна просторна понуда и докажан квалитет едноставно се наметнува како победничка – и токму тоа го нуди Camry. Но сега, неколку години подоцна, гамата на Toyota е сериозно освежена а воведени се и нови модели (како на пример големиот Highlander кој за прв пат се нуди во Европа, и кој неодамна го возевме), па дали Camry и повторно е на врвот?

Ако не е расипано, не го поправај!

Toyota неодамна подготви освежување за Camry. Освежувањето не е драстично – инженерите и дизајнерите на јапонскиот гигант ја следеле „ако не е расипано, не го поправај“ филозофијата.

Визуелните измени започнуваат со редизајнираниот преден дел кој сега е поостар и има нови хромирани декоративни елементи, а продолжуваат кон задниот дел кој има редизајнирани задни светла. Дел од визуелниот пакет освежувања се и неколкуте нови бои, како и нови дизајни за тркалата.

Комфорна, просторна и супер-опремена кабина.

Дискретни се и освежувањата во кабината – најзабележителната измена е новиот мултимедијален уред. Мултимедијалниот уред е преместен и поставен над централната конзола – ова не само што ги следи тековните трендови, туку го прави и полесен за гледање бидејќи не треба да го тргнете погледот од патот за да го користите.

Дополнителен новитет е вградувањето на Apple CarPlay и Android Auto поврзување – функционалност која малку доцни кај некои од моделите на Toyota, но среќни сме дека сега ги има. Стандардниот мултимедијален уред е малку комплициран за користење, но затоа тука е Android Auto. Имаме забелешка и на резолуцијата на паркинг камерата – едноставно се издвојува од инаку супер-модерната технологија во кабината на Camry.

Поврзано:   Во салонот на Toyota пристигна Yaris Cross

Инаку, кабината на Camry и понатаму е просторна – всушност, Camry е еден од најголемите седани во класата и нуди завидно многу простор, а бидејќи се работи за врвно-опремената Luxury изведба добиваме и 3-зонски клима уред, вентилирани предни седишта (да, ладење на седишта, супер-практична работа особено на летните горештини!), греење на предните и задните седишта, контролер за клима-уредот вграден во централниот потпирач за раце на задната клупа, хед-ап дисплеј, електрично-задвижувана ролетна на задното стакло, ролетни во задните врати и многу, многу, многу други додатоци.

Хибридниот погон ќе Ве изненади со ефикасноста.

Она што не е променето е одличниот 2.5-литарски хибриден погон. Овој погон Toyota го нуди во неколку различни модели – од Rav4, преку Camry па сè до Highlander, но го вградува и во луксузните модели на Lexus. И навистина, повторно и повторно, овој погон нè импресионира со рафинираноста и ефикасноста. Неговите 218 коњкси сили ги пренесува кон предните тркала преку бесстепен CVT автоматски менувач, кој во најновата генерација е значително порафиниран и потивок, а сето тоа резултира со повеќе од задоволителни перформанси и импресивна економичност.

Според официјалните податоци, Camry забрзува до 100 километри на час за 8.3 секунди и постигнува максимални 180 километри на час. Но официјалните податоци нема да го „доловат“ начинот на кој Camry реагира на секое притискање на педалата за гас – секоја реакција е инстантна, а чувството е дека сте зад воланот на многу побрз автомобил. Градската потрошувачка може да биде екстремно ниска – меѓу 5 и 6 литри на 100 километри, а на нашиот Стандардизиран Тест на Потрошувачка на Отворено измеривме 5.6 литри на 100 изминати километри при брзина од 120 километри на час.

Поврзано:   ТУРБО ТЕСТ: Toyota C-HR 2.0 Hybrid GR Sport - Хибриден кросовер со спортски амбиции

Camry е комфорен, доверлив и практичен крстосувач.

Да, во ред – Camry не е спортски седан, и не ни замислен да биде. Camry е развиен да биде комфорен, доверлив и практичен крстосувач. Лесно и во еден здив да минува стотици (па и илјадници) километри без да предизвика било каков стрес. Наметнува опуштен и смирен стил на возење, каков што и му прилега на еден ваков седан. Тоа не значи дека управувањето е анемично – баш напротив – управувањето е прецизно, но вистинското уживање е во комфорните седишта и минувањето многу, многу километри.

Во ера на вакви или онакви SUV модели, Camry и понатаму гордо ги брани традиционалните вредности на Toyota.

И сега, дали Camry и понатаму е најдоброто од Toyota? Внатрешната конкуренција е јака, особено со хибридниот Rav4 и големиот Highlander – но во ера на сè повеќе вакви или онакви SUV модели, би рекле дека токму Camry и понатаму е идеалната комбинација од сите традиционални вредности на Toyota – и токму затоа, и понатаму е знаменосец на јапонскиот бренд!

Димензии

Спецификации

Модел: Toyota Camry 2.5L Hybrid 218 Auto Luxury
Мотор: 2.5-литарски атмосферски бензинец, 4 цилиндри + електромотор
Моќност: 218 коњски сили / 3500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 221 Nm / 3600 – 5200 вртежи во минута
Менувач: Автоматски безстепен CVT
Забрзување 0-100 км/ч: 8.3 секундa
Максимална Брзина: 180 километри на час
Должина: 4885 mm
Ширина: 1840 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1445 mm
Тежина: 1660 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2825 mm
Багажен Простор: 524 литри
Потрошувачка: 6 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Toyota Camry 2.5L Hybrid 218 Auto Comfort – 32.190
Цена на тестираниот модел: Toyota Camry 2.5L Hybrid 218 Auto Luxury – 40.690 Евра
Повеќе Информации: Toyota.com.mk
Поврзано:   Новитет: Toyota Relax - 10-годишна гаранција за возилата на Toyota и Lexus

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.