ТЕСТ: Toyota Highlander 2.5 Hybrid Luxury Premium – Голем, поголем, најголем, Хајлендер! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota Highlander 2.5 Hybrid Luxury Premium – Голем, поголем, најголем, Хајлендер!

Toyota одлучи во Европа да понуди американски продукт – и токму тоа го направи со големиот Highlander. Но како се снаоѓа големиот SUV на нашите патишта? Прочитајте го нашиот тест на хибридниот Highlander!

Пред да почнеме да зборуваме за Highlander, мораме да ја направиме неизбежната асоцијација со истоимениот култен филм од 1986-та со Christopher Lambert во главната улога. Во филмот слоганот беше „There Can be Only One“ – односно, може да има само еден. И има тука нешто…

Но сите шеги со Highlander настрана, големиот SUV на Toyota има со што да се пофали. Веднаш да ги разјасниме нејаснотиите – Highlander не е замена за Land Cruiser. Всушност, не ни може да биде – Land Cruiser е вистински теренец со вистински теренски таленти и вистински теренски хардвер (прочитајте го нашиот тест), додека Highlander е голем SUV кој е поблизок до RAV4 отколку големиот Land Cruiser. Сличностите со RAV4 започнуваат со одличната GA-K платформа која ја делат, како и со хибридниот погон (кој во Highlander е 30-тина коњски сили помоќен во однос на верзијата во RAV4).

Но… Тука некаде сличностите завршуваат – Highlander е поголем, полуксузен и со сосем поинаков карактер од RAV4. Да почнеме…

„Нема бегање“ од димензиите на Highlander.

Како и вообичаено – ајде прво за дизајнот. Уште при првиот контакт „нема бегање“ од реалноста дека Highlander е голем SUV. Всушност, со неговите 4966 милиметри должина и 1930 милиметри широчина, Highlander е забележливо поголем и од Land Cruiser (и подолг од стандардното паркинг место во Европа).

Од друга страна, Highlander е понизок од Land Cruiser – а таа форма пак му дава значително подинамичен, понаметлив став. Гледан однапред, кај Highlander доминираат големата маска на ладилникот и големите предни светла, кои заедно со ниските странични отвори за воздух во браникот (каде се кријат и светлата за магла) само ја нагласуваат масивноста на големиот SUV.

Профилот е можеби најинтересен – кровната линија како да опаѓа, а страниците се „пресечени“ со линија која почнува ниско, веднаш зад предните тркала и завршува над задните. Гледајте го Highlander во профил и повеќе наликува на голем караван отколку на SUV.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Освежениот Toyota GR Yaris е уште помоќен и уште побрз!

На задниот дел димензиите повторно ги истакнуваат големите, хоризонтални светлосни групи. Гледан како „пакет“ – Highlander е голем, но во ниту еден момент не изгледа нескладно.

7 седишта, многу простор, сите можни играчки

Одиме внатре! Ја отвораме возачката врата и нè пречекува огромна, просторна и комфорна кабина. Во кабината (разбирливо) се наметнува просторот кој се нуди – надворешните димензии едноставно гарантираат многу простор во ентериерот – и да, Highlander стандардно доаѓа со седум седишта.

Пред возачот се поставени делумно-дигиталните инструменти (кои се слични на оние кај останатите хибридни модели на Toyota), додека на централната конзола се поставени мултимедијалниот уред и контролите за клима-уредот.

Мултимедијалниот уред не е најмодерниот на светот, но ги има сите потребни функционалности, а има и Android Auto и Apple CarPlay поврзување. Материјалите во кабината се прилично добри, а немаме забелешка ниту на завршната обработка – сè е на ниво кое би го очекувале од Toyota. Ќе го пофалиме и одличниот JBL аудио уред со 10 звучници кој звучи одлично!

Сличната приказна за одлична просторна понуда продолжува и на задните седишта (кои се поместуваат нанапред и наназад), а чувството на прегледност и светлина е надополнето од огроооомниот стаклен кров. На последниот, трет ред седишта не е толку дарежливо како на средниот ред, но за разлика од многу други конкуренти каде собира нормално-димензионирани луѓе само ако им ги отсечете нозете, во Highlander има сосем доволно простор.

Дискусијата за просторната понуда во ентериерот ќе ја завршиме со краток преглед на багажниот простор – во зависност од конфигурацијата на седишта, Highlander нуди 305, 838 односно скоро 2000 литри капацитет на багажникот. Пештера, ама со сончев кров.

Поврзано:   Новата, втора генерација на Toyota C-HR пристигна во Македонија

Highlander наметнува опуштено возење, 2.5-литарскиот хибриден погон е искучително ефикасен

Океј, но како е зад управувачот? Како и многу други вакви модели, Highlander наметнува опуштен стил на возење. Всушност, Highlander се гордее со комфорот кој го нуди и јасно и гласно кажува дека неговата главна намена е да биде транс-континентален транспортер, а не спортски автомобил со премногу компромиси. Не – вистинските таленти на Highlander доаѓаат до израз кога ќе се опуштите, кога ќе го насочите кон хоризонтот и супер-комфорно ќе патувате кон избраната дестинација.

2.5-литарскиот хибриден погон (кој тука го носи одличното и тотално-американско име Dynamic Force) нуди 248 коњски сили кои се сосем доволни за големиот SUV да забрза до 100 километри на час за респектабилни 8.3 секунди и да постигне максимална брзина од 180 километри на час. Силата преку e-CVT бесстепен автоматски менувач се пренесува до AWD-i погонот на сите четири тркала. Кај иновативниот AWD-i систем на Toyota, задните тркала се придвижувани од електромотор кој „улетува“ да помогне при нагло забрзување или кога системот ќе забележи несакано пролизгување на задните тркала.

Секако, одличната и докажана хибридна технологија на Toyota значи дека можете да очекувате и соодветна ефикасност – па за време на неколкудневното дружење со Highlander измеривме просечна потрошувачка од ситно над 8 литри на 100 изминати километри.

Luxury Premium значи многу, многу опрема!

Пред да го донесеме заклучокот, набрзина малку и за опремата. Врвното Luxury Premium ниво на опрема значи дека нашиот Highlander дојде со сите можни додатоци и „играчки“ – BiLed предни светла, 20-инчни тркала, сите можни сензори и камери, вентилирани кожни седишта со загревање и ладење, 12.3-инчен мултимедијален уред, 10.1-инчен хед-ап дисплеј, JBL аудио уред, огромен панорамски кров и многу, многу, многу повеќе…

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Освежениот Toyota GR Yaris е уште помоќен и уште побрз!

Заклучок: Highlander е совршен за неговата намена.

И кога ќе го земеме сето тоа предвид, лесно е да се извлече заклучокот – а заклучокот е дека Highlander е совршен за неговата намена. Highlander е комфорен, богато опремен, исклучително рафиниран и (во контекст на големината и класата) изненадувачки економичен. И голем. Да не заборавиме дека е голем.

Спецификации

Модел: Toyota Highlander 2.5 Hybrid 248 Luxury Premium
Мотор: 2.5-литарски хибриден погон, 4 цилиндри
Моќност: 248 коњски сили
Вртежен Момент: 237 Nm / 4400 вртежи во минута
Менувач: Бесстепен CVT
0-100 км/ч: 8.3 секунди
Максимална Брзина: 180 километри на час
Должина: 4996 mm
Ширина: 1930 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1755 mm
Тежина: 2025 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2850 mm
Багажен Простор: 383 – 838 – 1909 литри
Потрошувачка: 8.2 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Toyota Highlander 2.5 Hybrid 248 Executive – 55.990 Евра
Цена на тестираниот модел: Toyota Highlander 2.5 Hybrid 248 Luxury Premium – 66.990 Евра
Повеќе Информации: Toyota.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.