ПРЕМИЕРА: Škoda ја претстави најновата, четврта генерација на Fabia! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Škoda ја претстави најновата, четврта генерација на Fabia!

Најновата, четврта генерација на Fabia е поголема, побезбедна и уште поефикасна – и ветува дека е најпросторниот автомобил во својот сегмент.

Цели 22 години по претставувањето на оригиналната Fabia, Škoda пред само неколку моменти ја претстави најновата, четврта генерација на супер-популарниот градски автомобил. Fabia за прв пат е поставена на MQB-A0 модуларната платформа на Volkswagen групацијата, а тоа пак носи многу придобвки – од нови и модерни технологии и погонски единици, па сè до попросторна кабина и подобрен комфор.

Fabia е уште поголема – сега е долга 4108 милиметри и има рекордерн багажен простор во класата – дури 380 литри. Но иновациите не запираат таму – благодарение на емотивниот дизајн и самоуверените пропорции, Fabia има и одличен коефициент на отпор од само 0.28 Cd. Oliver Stefani, кој е на чело на Škoda Design изјави – „Со четвртата генерација на Фабиа, го направивме следниот чекор во нашиот дизајнерски јазик. Благодарение на новите пропорции, нашиот основен модел изгледа подинамично и позрело. Истовремено, Fabia отелотворува модерен животен стил и намерно не ја сменивме сржта на моделот – како што е типично за една Škoda, Fabia е функционален и практичен секојдневен придружник.“

Дизајнерски детали има многу – од новите предни и задни светла со LED технологија, преку острите линии на поклопецот на моторот, па сè до линиите од каросеријата на предните врати кои оддаваат почит триаголниот мотив на чешкото знаме.

Многу внимание е посветено на аеродинамиката – па Fabia за прв пат добива активни аеро-елементи. „Ролетните“ со кои се затвораат некои од отворите за ладење при повисоки брзини ја намалуваат потрошувачката – од Škoda кажуваат дека со овие активни елементи, потрошувачката се намалува за 0.2 литри на 100 километри при брзина од 120 километри на час. Дополнително, Fabia добива и поголем заден спојлер како и специјално-дизајнирани странични ретровизори – сето ова со цел да се подобри аеродинамиката. Дури и тркалата добиваат специјални аеро-додатоци.

Поврзано:  Пристигна освежената Škoda Octavia!

Ајде сега малку и за кабината. Меѓуоскиното растојание е зголемено за цели94 милиметри во однос на минатата генерација, а тоа гарантира многу, многу простор во внатрешноста. Fabia за прв пат добива 10.25-инчен инструмент-панел, а на централната конзола е поставен 9.2-инчен мултимедијален уред. За прв пат во Fabia ќе се нуди и двозонски климатроник клима-уред, а благодарение на eSim уредот, Škoda Fabia може да биде постојано поврзана со интернет-мрежата.

Кога сме веќе кај новите технологии, Fabia за прв пат добива и Travel Assist, Park Assist и Manouvre Assist, покрај постоечките системи за активна и пасивна безбедност. Travel Assist системот нуди делумна асистенција во управувањето, а сите други системи како и можноста да се добијат до 9 воздушни перничиња гарантираат врвна безбедност.

Секако, тука се и неизбежните Simply Clever додатоци по кои Skoda е веќе добро позната – а кај новата Fabia ќе дебитираат флексибилниот преклоплив оддел во багажниот простор, држачите за мапа и молив пред рачката од менувачот и малиот оддел за одлагање дребулии со вграден држач за чаши пред задните седишта. Покрај нив, ќе добиеме и џебови за мобилни телефони во предните седишта, USB-C приклучок во централниот ретровизор…

Новата Fabia ќе се нуди исклучиво со бензински мотори. Понудата започнува со најновата генерација на 1-литарските MPI мотори кои сега ја носат и ознаката Evo. Овие мотори имаат по 5 коњски сили повеќе во однос на погонските единици кои ги заменуваат – и нудат 65 односно 80 коњски сили. Скалило погоре е 1-литарскиот TSI EVO кој може да се добие во изведба со 95 или 110 коњски сили, како и моќниот 1.5-литарски TSI EVO со 150 коњски сили.

Атмосферците и основниот TSI се достапни само со 5-степен мануелен менувач, додека помоќниот 1-литарски TSI може да се комбинира со 6-степен мануелен или 6-степен DSG менувач. Врвниот 1.5-литарски TSI може да се добие само со DSG менувач. Оваа верзија е воедно и најбрзата – забрзува до 100 километри на час за 7.8 секунди и постигнува максимални 225 километри на час.

Поврзано:  Пристигна освежената Škoda Octavia!

Новата Fabia се очекува да пристигне во текот на оваа година. Понатаму можеме да очекуваме и поспортска Monte Carlo верзија, но сега за сега нема никакви информации околу спортска RS варијанта.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.