ТЕСТ: Toyota Land Cruiser 2.8 D-4D 204 Luxury Premium – Горд, незапирлив, огромен. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota Land Cruiser 2.8 D-4D 204 Luxury Premium – Горд, незапирлив, огромен.

Времињата се менуваат – по улиците има сè повеќе SUV модели, а желбата да се седне зад управувачот на некаков теренец наметна сè поголема понуда за ваквите автомобили. Но што се случува со оние, вистинските теренци? Седнавме зад управувачот на големиот Toyota Land Cruiser за да го запознаеме еден од великаните во сегментот.

Не е лесно да се зборува за модели каков што е Land Cruiser. Да, неговото име е легендарно, а неговите подвизи засекогаш ќе имаат свое заслужено место во историјата. Но работите се менуваат – купувачите на SUV модели сè помалку ги интересираат теренските можности на еден ваков автомобил. Оние кои купуваат „позерски“ SUV ги интересира неговата практичност, високата седечка позиција и просторната понуда.

А што всушност значи тоа? Тоа значи дека оние вистинските теренци се сè помалку на број. Стануваат продукт кој го бараат вистинските познавачи и оние на кои им е потребно возило со вистински теренски таленти. Побарувачката е помала – па соодветно, и понудата. Веќе скоро и да нема конвенционални body-on-frame теренци со шасија и каросерија поставена врз неа. И тоа не е критика – напротив, миграцијата кон помодерните конструкции си носи директни придобивки, но има нешто да се каже за постарите, докажаните технологии.

И токму тука можеме да зборуваме за Land Cruiser. Еден од последните луксузни теренци поставен на традиционална шасија. Храбро застанат да ја одбрани гордоста на своите предци и да покаже што всушност знае.

Што може Land Cruiser?

А што знае Land Cruiser? Па, многу. Неговата платформа е легендарна, а неговите теренски способности се повеќекратно докажани. Аголот на пристапување е 31 степен, аголот на заминување е 26 степени, аголот на прекршување е 22 степени, а Land Cruiser може да се искачува по нагорнина под агол од 42 степени, како и странично да се навали до 42 степени. Дополнително, воздушната суспензија овозможува возење низ вода длабока до 700 милиметри. Верувајте, теренското возење не е никаков проблем.

Секако, силата се пренесува кон сите четири тркала преку централен диференцијал со заклучување. Land Cruiser знае точно каде да го насочи вртежниот момент за да Ве „извади“ од скоро секаква ситуација. Снег, кал, камења… Едноставно не се никаков проблем.

Каде оди Land Cruiser?

За да се увериме во сето ова, го насочивме Land Cruiser во две различни ситуации. Едната беше типично зимска. Индикаторот за температура покажуваше 12 степени под нулата, снег имаше „до колена“ – а Land Cruiser немаше апсолутно никаков проблем.

Поврзано:   ТЕСТ: Toyota C-HR 2.0 Hybrid AWD-i GR Sport - Еден меѓу многуте!

Едноставно го насочуваме во насоката во која сакаме да одиме и даваме гас. И за неколку минути – таму сме. Системот за погон на сите четири тркала немаше никаков проблем ниту со снегот, ниту со мразот… Едноставно, убаво е да се има доверба во автомобилот.

Секако, не сите можат да одат онаму каде може Land Cruiser. Очигледно.

На крајот на денот – уверени дека снегот и мразот не се никаков проблем за Land Cruiser (и откако тотално се уверивме дека клима-уредот, загревањето на седиштата и загревањето на управувачот работат беспрекорно) се „прибравме дома“. Втората ситуација – само еден ден подоцна – беше сосем поинаква.

Наместо снег и виулица, сонце и температури околу нулата. Наместо мраз и снег, наидовме на остатоци од снег, но и сува, растресена земја, како и кал – и во овие услови, Land Cruiser немаше ама баш никаков проблем. Го зголемивме растојанието од подлогата и го насочивме кон планинските предизвици – и без никаков приговор, Land Cruiser нè однесе на нови места.

А за да стигнеме онаму каде бевме тргнале, беше задолжен нов, 2.8-литарски D-4D турбодизел со четири цилиндри кој испорачува 204 коњски сили при 3400 вртежи во минута и моќни 500 Nm вртежен момент од 1600 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон сите четири тркала преку 6-степен автоматски менувач и сите потребни диференцијали. Резултат на сето ова е забрзување до 100 километри на час за 9.9 секунди и максимални 175 километри на час.

Но вистинската доминација на Land Cruiser со овој мотор е во оние моменти кога сакате сиот тој вртежен момент да го задвижи големиот теренец во насоката во која сакате да одите. Системот го насочува вртежниот момент кон тркалото со највеќе тракција и едноставно продолжувате со движење.

Без драма, без натегање, без размислување. И сето тоа е придружено со градска потрошувачка од околу 11 литри дизел гориво на 100 изминати километри. Сосем респектабилно.

Резервиран, горд дизајн.

Инаку, Toyota неодамна го освежи Land Cruiser и му даде посовремен лик на големиот теренец. Откако ќе прифатиме дека Land Cruiser едноставно доминира со неговата големина, ајде да зборуваме за деталите. На предниот дел се истакнува големата предна маска на ладилникот кон која се припоени предните светла.

Крилата се широки и мускулести а поклопецот на моторот е извајан да ја истакнува моќноста на Land Cruiser. Профилот ни е добро познат – со години е истиот – но тој гарантира многу, многу простор во кабината.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Освежениот Toyota GR Yaris е уште помоќен и уште побрз!

Страничните прагови го олеснуваат влегувањето и излегувањето, а пештерскиот багажен простор е достапен преку голема врата која се отвора странично. Задниот дел е дефиниран од вертикалните задни светлосни групи, како и таа големата врата.

Огромна, луксузна, опремена и комфорна кабина.

Одиме внатре – и тука Land Cruiser е во вистинско светло. Да, ова е теренец наменет да оди насекаде, но тоа не значи дека треба да се откажеме од комфорот и луксузот – добиваме седишта обвиени во мека кожа, со вградени системи за загревање и ладење.

Добиваме конвенционални, прекрасни контроли кои се лесни за разбирање и користење, и прегледни, јасни инструменти. Добиваме централна конзола со ладилник, електрично нагодување на кожните седишта, сончев кров, мултимедијален уред со навигација и Apple CarPlay и Android Auto поврзување, JBL премиум аудио уред со 14 звучници и многу, многу повеќе…

Секако, бидејќи се работи за голем теренец, добиваме и многу простор на задните седишта, како и во третиот ред. А, да – да не заборавиме – овој Land Cruiser може да се нарача со три реда седишта и во зависност од конфигурацијата нуди меѓу 104 (со три реда седишта), 621 (со два реда), односно дури 1833 литри (со преклопени задни седишта) во багажникот.

А ниту на патниците на задната клупа нема да им биде здодевно на подолги патувања – меѓу предните седишта е поставен 10-инчен Blu-Ray систем. Задната клупа е лизгачка, а се нагодува и аголот на наслонот, па лесно ќе се најде комфорна позиција и на задната клупа, дури и на доооолги патувања.

Сè на сè – во време кога доминантни стануваат екраните на допир и сличните „играчки“, вистинско освежување и задоволство е да се вози автомобил каде командите и контролите се физички. За сè има копче, прекинувач или „врталка“. Нема бесконечно лутање низ екрани и (искрено) глупави гласовни команди кои никој не го користи – сè е онаму каде очекувате да биде, на дофат и лесно а користење. Плус, дополнителни 10 поени за рачната рачна кочница.

Изненадувачки лесен за маневрирање низ град, супер-комфорен на отворено.

Да, но каков е Land Cruiser во обично, секојдневно возење? Ќе бидеме искрени и ќе кажеме – изненадувачки лесен. Да, неговите димензии наметнуваат малку повеќе внимавање и планирање од вообичаено, но во реалноста тој нема поголем отпечаток од седан од повисока класа.

Високата седечка позиција, правите агли и големите стаклени површини овозможуваат изненадувачки добра прегледност, а онаму каде нешто недостасува сликата ја дополнуваат камерите и сензорите. Серво-управувачот е лесен, педалите се меки а автоматскиот менувач дополнително го олеснува секојдневното користење. Да, Land Cruiser е голем, но лесно се движи низ урбаните средини и едноставно изнудува почит од сите други учесници во сообраќајот.

Поврзано:   Новата, втора генерација на Toyota C-HR пристигна во Македонија

Неговата природа скоро наметнува тој да е и ултра-комфорен – дали суспензијата ги впива нерамнините или неговата тежина од малку над 2.4 тони ги израмнува е апсолутно неважно – во Land Cruiser е комфорно и пријатно.

На отворен пат се покажа како комфорен двособен стан за минување многу, многу километри. Големиот турбодизел си „наоѓа темпо“ и едноставно лебдиме над автопатот.

Land Cruiser е наменет за оние кои сакаат ваков автомобил, а не сакаат да бидат видени во нешто вулгарно.

Има зошто Land Cruiser е изборот на многумина. Избор и на оние кои сакаат да поминат преку секакви теренски предизвици, но избор и на оние кои сакаат да возат голем луксузен автомобил а притоа да не возат (премногу) забележлив бренд. Да не се разбереме погрешно – димензиите на Land Cruiser наметнуваат дека тој едноставно не е дискретен, но од друга страна – Land Cruiser е воздржан, самоуверен и докажан. Всушност, ќе кажеме дека Landcruiser е наменет за оние кои имаат вистинска потреба од ваков автомобил, а не сакаат да бидат видени во нешто вулгарно.

И сега, дали е Land Cruiser последниот мохиканец? Можеби… Дефинитивно е еден од последните претставници на сорта која изумира, но гордо пркоси на трендовите и кажува дека има нешто и кај старата школа. И за тоа – ја заслужува сета почит. Симнуваме капа.

Спецификации

Модел: Toyota Land Cruiser 2.8 D-4D 204 Luxury Premium
Мотор: 2.8-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 204 коњски сили / 3400 вртежи во минута
Вртежен Момент: 500 Nm / 1600 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 6 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 9.9 секунди
Максимална Брзина: 175 километри на час
Должина: 4840 mm
Ширина: 1885 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1845 mm
Тежина: 2430 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2790 mm
Багажен Простор: 104 – 621 – 1833 литри
Потрошувачка: 11 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Toyota Land Cruiser 2.8 D-4D Comfort M/T – 55.700 Евра
Цена на тестираниот модел: Toyota Land Cruiser 2.8 D-4D Luxury Premium 6AUT – 80.300 Евра
Повеќе Информации: Toyota.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.