ПРЕМИЕРА: M5 CS е најмоќниот автомбил во историјата на BMW! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: M5 CS е најмоќниот автомбил во историјата на BMW!

Бројките на новиот BMW M5 CS се спектакуларни – 635 коњски сили, 750 Nm вртежен момент, „стотка“ за рамно 3 секунди и максимални 305 километри на час!

BMW M5 CS не само што е најмоќниот автомобил во историјата на М-дивизијата, туку е и најмоќниот сериски автомобил во историјата на BMW. Тоа ветува многу.

Ајде да започнеме со најважното – моќниот 4.4-литарски твин-турбо V8 е доработен да испорачува 635 коњски сили и 750 Nm вртежен момент. Максималните коњски сили се достапни при 6000 вртежи во минута, додека максималниот вртежен момент е достапен од 1800 до 5950 вртежи во минута. Силата се пренесува кон сите тркала преку 8-брзински M Steptronic менувач и xDrive погон на сите четири тркала со специјален 2WD режим за придвижување само на задната оска.

Што значи тоа? Сето тоа значи спринт од 0 до 100 километри на час за рамно 3 секунди, 200 километри на час за 10.3 секунди како и електронски-ограничена максимална брзина од 305 километри на час. Секако, приказната не завршува таму, па M5 CS добива и ревидирана суспензија, поцврсти носачи на моторот, подебели стабилизатори и ревидиран Dynamic Damper Control кој го влече максимумот од сите системи.

Благодарение на многуте делови изработени од CFRP – поклопецот на моторот, кровот, предниот сплитер, страничните ретровизори, дифузерот и задниот спојлер – како и неколку други олеснувања, M5 CS е полесен за цели 104 килограми од М5 Competition. Дополнително, M5 CS добива уникатни 20-инчни тркала, карбон-керамички сопирачки, поклопец на моторот со отвори за воздух, Shadowline црни детали и специјални LED предни светла. M5 CS ќе може да се добие само во три бои – Brands Hatch Grey Metallic, Frozen Brands Hatch Grey Metallic и Frozen Deep Green Metallic.

Поврзано:  BMW го претстави концептот Skytop

Во ентериерот препознаваме специјални карбонски седишта обвиени во Merino црна кожа, М управувач обвиен во алкантара со карбонски лопатки за менување брзини, специјални задни седишта, како и многу, многу технологија. Првите примероци ќе бидат испорачани оваа пролет.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.