ТЕСТ: Toyota Camry 2.5 Hybrid Luxury – Најдоброто од Toyota? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota Camry 2.5 Hybrid Luxury – Најдоброто од Toyota?

По долга пауза, Toyota го врати името Camry на европскиот пазар – и тоа го прави со автомобил преку кој го покажува најдоброто кое може и умее да го направи.

Тешко е да се започне да се зборува за Camry – автомобилот за кој денес зборуваме едноставно поставува некои нови правила и успешно ги крши сите стереотипови кои сме ги имале за Toyota. Да, во ред, јапонскиот бренд веќе неколку години успешно оди кон нови и интересни нешта – но дали најконвенционалниот модел во понудата е истовремено и најинтересиот? Дали е тоа премногу контрадикторно, само по себе?

Веќе стана клише да зборуваме за популарноста на SUV моделите. Затоа, таа дискусија овој пат ќе ја заобиколиме, и едноставно ќе зборуваме за она кое го имаме пред нас – а тоа е конвенционален седан, кој истовремено успева да не е воопшто конвенционален.

Camry е гооолем седан со дизајн кој нема да застари ни по десет години

Како тоа? Па, како и секогаш – прво ќе зборуваме за дизајнот. Camry од една страна е гооооолем седан и делува некако „американски“, од друга страна е типично јапонски со храбри детали и помалку неконвенционални дизајнерски одлуки, а од сосем трета страна успева да изгледа европски и многу порафинирано од американската вулгарност можеби ја очекуваме. Предниот дел е низок и широк, големите хоризонтални светла се поставени над широооката маска на ладилникот која како да го „окупира“ целиот преден браник. Страничната линија е едноставна и чиста, додека задниот дел ја заокружува сликата за привлечен и софистициран дизајн – дизајн кој е наменет да биде безвременски и да изгледа свежо и по 5 или 10 години. Ни се допаѓа!

Кабина како од класа-две поскап и поголем автомобил

Ја отвораме возачката врата и влегуваме во просторна и светла кабина. Секако, тука свој удел игра изборот на бои во кабината на тест-возилото, но едноставно, се гледа дека инженерите и дизајнерите сакале Camry да биде автомобил кој лесно се користи секој ден. Седиштата се супер-комфорни, прегледноста е одлична (и покрај замашните димензии), сите контроли се јасни и лесни за користење. Кога ќе влезете, сè што треба да направите е да го притиснете копчето за старт, да го повлечете менувачот накај вас и да почнете да возите.

Поврзано:   ТЕСТ: Toyota C-HR 2.0 Hybrid AWD-i GR Sport - Еден меѓу многуте!

Полека, полека – прво да ја довршиме дискусијата за ентериерот. Во ред, мултимедијалниот уред не е баш најлесен за користење на светот и некои од конкурентите нудат попривлечно графичко решение – но барем добиваме конвенционални копчиња за многу од функционалностите, нешто кое е само што ни се допаѓа, туку и го цениме. Сите материјали кои можете да ги допрете се квалитетни, фини на допир и привлечно текстурирани.

Дури и декорацијата која наликува на дрво му прилега на ваквиот автомобил. Единствено гумените патосници малку ја расипуваат сликата за луксузен автомобил – но ова е лесно решливо – ние „со залет“ би ги фрлиле и би ставиле дебели, теписонски патосници кои многу подобро му прилегаат на еден ваков крстосувач.

А на задната клупа?  На задната клупа е како во автомобил кој е најмалку една класа поголем. Има скоро бесконечно многу простор за нозете и главите на патниците, а аголот на наслонот на секое од седиштата на задната клупа може индивидуално да се нагодува. Комфорно? Тешко е да најдеме зборови да објасниме колку. Не е за занемарување ниту багажниот простор со капацитет од 524 литри, кој благодарение на правилното распоредување на батериите не е воопшто компромитиран.

Плус, во централниот наслон за раце на задната клупа е поставен панел со контроли за радиото, клима уредот, итн… Што е ова, луксузен седан од супер-високата класа?

Лесен за возење, комфорен во сите ситуации

Всушност, таков е впечатокот и од возењето. Во град, Camry е лесен за маневрирање – тука свој удел имаат малиот милион сензори и камери, како и одличната прегледност. Бонус факт – кога ќе ставите „во рикверц“, Camry автоматски ја спушта задната завеса со цел да ја подобри прегледноста.  Понатмау, Camry супер-успешно ги израмнува нерамнините од нашите улици и чувството во кабината е слично на лебдење.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Освежениот Toyota GR Yaris е уште помоќен и уште побрз!

Од друга страна, Camry успева да го постигне тоа без да биде „брод“ кога ќе сакате да возите динамично. Но да бидеме реални – ова би требало ретко да се случува, бидејќи Camry наметнува еден достоинствен и опуштен стил на возење.

Супер-напреден и економичен хибриден систем

Најверојатно тоа би го припишале на хибридниот погон – кој всушност е единствената опција која може да се добие кај Camry. Хибридниот погон е всушност истиот оној 2.5-литарски бензинец со електромотор и батерии кој го возевме и кај Lexus IS350h пред неколку месеци. Вкупната, системска моќност е 218 коњски сили и 221 Nm вртежен момент кои преку e-CVT менувач се пренесуваат кон предните тркала.

Чувството кога ќе ја притиснете до крај педалата за гас е дека Camry забрзува упорно и линеарно – а за тоа говорат и „бројките“ – 100 километри на час пристигнуваат за 8.3 секунди, додека максималната брзина е 180 километри на час.

Вистинските придобивки од хибридниот погон се гледаат на бензинската пумпа. Односно, долгите интервали меѓу посетувањето на истата – за време на неколкудневниот тест поминавме неколку стотици километри и измеривме градска потрошувачка од 6.8 до 7.2 литри на 100 изминати километри. Резултат, кој искрено е – спектакуларен.

Секако, бидејќи се работи за модел во највисокото – Luxury – ниво на опрема, нашиот Camry дојде со кожни седишта, ксенонски светла, моќен аудио уред, мултимедијален уред со „сите нишани“ и навигација, големи тркала, мал милион играчки и сета можна безбедносна опрема – а тоа го прави интересен и привлечен за навистина широка гама на купувачи.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Освежениот Toyota GR Yaris е уште помоќен и уште побрз!

Дали е Camry најдоброто од Toyota? Да, апсолутно.

Дали е Camry најдоброто од Toyota? Со оглед на тоа дека всушност со Camry добивате технологии кои Toyota прво ги понуди кај Lexus (а познавачите добро знаат што значи тоа), би рекле дека да – Camry е во моментов најдоброто од Toyota. А тоа кажува многу. Навистина многу.

Димензии

Спецификации

Модел: Toyota Camry 2.5L Hybrid 218 Auto Luxury
Мотор: 2.5-литарски атмосферски бензинец, 4 цилиндри + електромотор
Моќност: 218 коњски сили / 3500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 221 Nm / 3600 – 5200 вртежи во минута
Менувач: Автоматски безстепен CVT
Забрзување 0-100 км/ч: 8.3 секундa
Максимална Брзина: 180 километри на час
Должина: 4885 mm
Ширина: 1840 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1445 mm
Тежина: 1660 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2825 mm
Багажен Простор: 524 литри
Потрошувачка: 7 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Toyota Camry 2.5L Hybrid 218 Auto Comfort – 30.190
Цена на тестираниот модел: Toyota Camry 2.5L Hybrid 218 Auto Luxury – 37.490 Евра
Повеќе Информации: Toyota.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.