full screen background image
Search

Славеничкиот Abarth 695 70° Anniversario добива 180 коњски сили и специјален спојлер

Abarth го прославува 70-тиот роденден, а специјалниот подарок кој италијанската легенда го подготви за своите фанови е Abarth 695 70° Anniversario кој доаѓа со 180 коњски сили и специјален, нагодлив заден спојлер.

Abarth е во славеничко расположение – деновиве го прославува својот 70-ти роденден, и има ли подобар начин да се прослави роденденот од специјален автомобил? Новиот Abarth 695 70° Anniversario ќе биде произведен во само 1949 примероци (по годината на основањето на брендот) и малата џебна ракета добива еден куп ситни (и не толку ситни) додатоци.

Измените на Abarth 695 70° Anniversario кулминираат со специјалниот заден спојлер – кој рачно се нагодува во 12 различни позиции и е специјално развиен во аеро-тунел за да постигне максимална ефикасност, без разлика на брзината. Аголот може да биде од 0 до 60 степени и може да додаде до 42 килограми потисок при брзини од 200 километри на час. Според пресметките од Abarth, новиот спојлер може да ги намали корекциите во управувањето и до 40%. Овој податок доаѓа од тестирањата направени во аеро-тунелот на FCA во Orbassano.

Инаку, силата на малиот славенички автомобил доаѓа од 1.4-литарски турбо-бензинец. Малиот мотор испорачува 180 коњски сили и одлични 250 Nm вртежен момент, сосем доволни за спринт до 100 километри на час за 6.7 секунди и максимални 225 километри на час (кога задниот спојлер е целосно спуштен). Позади 17-инчните тркала се кријат Brembo сопирачки со 305-милиметарски дискови на предните, односно 240-милиметарски на задните тркала. Звукот е облагороден благодарение на Record Monza издувен систем.

Специјална е и Monza 1958 зелената боја, која оддава почит на првиот 500 Abarth кој поставил дури шест интернационални рекорди таа година. Зелената боја е комбинирана со Campovolo сиви детали.

Поврзано:   Fiat 500X Sport добива супер-кул стајлинг, многу опрема и подобрена динамика


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.