Brabus го засили Mercedes-AMG GLE 63 Coupe на 800 коњски сили – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Brabus го засили Mercedes-AMG GLE 63 Coupe на 800 коњски сили

Brabus го претстави моделот 800 SUV Coupe, кој е тјунирана изведба на Mercedes-AMG GLE 63 S Coupe.

Неговиот хибриден 4.0-литарски твин-турбо V8 агрегат сега произведува 800 кс и 1,000 Nm вртежен момент. Ова претставува зголемување од 188 кс и 150 Nm над стандардната верзија, а истото е постигнато со нова Brabus PowerXtra компјтерска единица и нови турбополначи со поголем компресорски елемент и модифицирани јадра на електромоторот.

Силата непрекинато се испорачува преку 9-степен автоматски менувач кон сите четири тркала благодарение на 4MATIC+ системот. Засилениот 800 SUV Coupe забрзува од 0-100 км/ч за 3.4 секунди, додека максималната брзина е електронски ограничена на 280 км/ч, што не е малку за возило од 2.3 тона.

Brabus го промениле изгледот на екстериерот со неколку додатоци од карбон, кои го надополнуваат AMG бодикитот. Новата предна решетка со Brabus ознака јасно дава до знак дека овој GLE не е стандарден модел, заедно со додатоците на големите отвори за вентилација, страничните крила, дифузерот и задниот спојлер.

Купе кросоверот е поставен на 23-инчни ковани фелни, а Brabus нуди и поголеми 24-инчни, обвиени во пневматици со високи перформанси од Continental, Pirelli или Yokohana.

Brabus 800 Coupe е исто така приближен кон подлогата за 25 милиметри, благодарение на нов контролен модул за Airmatic воздушната суспензија, со што добива уште поагресивен став и пониско тежиште.

На задниот дел е инсталиран нов издувен систем од не’рѓосувачки челик со четири издувни цевки со дијаметар од 90 милиметри, со облога од од титаниум или карбон. Контролирачките издувни вентили дозволуваат погласен звук во режимот Sport и потивок во режимот Comfort. Звукот од турбополначите е исто така изменет со погласен blow-off ефект.

Германскиот тјунер го нуди 800 SUV Coupe со ентериер обвиен во кожа или алкантара, во секоја боја, а тука се и повеќе додатоци како алуминиумски педали, нови лопатки за промена на степени и украсни плочки со оссветлување на праговите.

Цената не е сеуште објавена, но се очекува да биде блиску до 300,000 евра, што е значително повеќе од цената на стандардниот Mercedes-AMG GLE 63 S Coupe, која започнува од околу 100,000 евра.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.