full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Mercedes-AMG GLE 63 Coupe и GLE 63 S Coupe – Масивен купе-СУВ со 571, односно 612 коњски сили!

Mercedes-AMG тукушто ги претстави новите GLE 63 4Matic+ Coupe и GLE 63 S 4Matic+ Coupe – кои ја добиваат најновата верзија на моќниот 4-литарски твин-турбо V8.

Новите AMG верзии на GLE Coupe ќе ги препознаете по спортските браници со огромни отвори за воздух, 21 или 22-инчни тркала обвиени во спортски пневматици, редизајнирани предни светла и уште мал милион други детали. За оние кои сакаат нешто поагресивно, тука е AMG Night пакетот кој носи многу детали во црна боја, како и затемнети стакла.

Задолжен за придвижување на овие огромни чудовишта е 4-литарскиот твин-турбо V8 кој испорачува 571 коњска сила и 750 Nm вртежен момент кај GLE 63 Coupe, односно 612 коњски сили и 850 Nm вртежен момент кај GLE 63 S Coupe. Дополнително, обата модели имаат лајт-хибриден EQ Boost стартер-алтернатор кој испорачува дополнителни 21 коњска сила и 250 Nm вртежен момент.

Резултат на сето тоа? Mercedes-AMG GLE 63 S Coupe може да забрза до 100 километри на час за само 3.8 секунди. На „послабниот“ GLE 63 му требаат дури 4 секунди. Послабиот модел е ограничен на само 250 километри на час, додека кај помоќниот модел тој лимит е подигнат на 280 километри на час.

Спектакуларни перформанси, нели?



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.