full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Volkswagen го претстави освежениот Polo GTI

По само два месеци од претставувањето на обновeната актуелна генерација на Polo, Volkswagen ја претстави и освежената спортска GTI изведба.

Однадвор, новото Polo GTI се одликува со истите стилски измени како стандардната верзија, со посличен дизајн кон осмата генерација на Golf. Тоа значи нови предни светла со IQ.Light LED matrix технологија и предна решетка со осветлување и црвена линија.

Тука е исто така и редизајниран браник со поголеми отвори за вентилација напред, како и нов заден браник со подискретен дизајн. На задниот дел се сместени пошироките светла, a на целиот автомобил се поставени неколку GTI значки.

Под поклопецот елементите се речиси неизменети. Тоа значи дека 2-литарскиот четири-цилиндарски турбо-бензински агрегат испорачува 207 кс и 320 Nm вртежен момент исклучиво кон предните тркала. Ова му овозможува забрзување од 0-100 км/ч за време од 6.5 секунди и максимална брзина од 240 км/ч. Автомобилот може да се добие исклучиво со DSG автоматски менувач.

Како што се очекува, обновеното Polo GTI е опремено со пониска суспензија и електронски диференцијал. Како опција е понудена и „Sport Select“ суспензија, која овозможува прилагодување на цврстината, а автомобилот нуди повеќе режини на возење кои нудат различно управување, одзив на моторот и брзина на промена на степените на пренос.

Кабината е освежена со нов волан, а сериските седишта се украсени со карактеристичниот кариран тапацир. Инструмент-панелот е дотеран со црвени детали, како и неколку елементи од матиран хром. Најзабележливата промена е новиот мултимедијален систем, кој доаѓа со 8-инчен екран.

Заинтересираните купувачи ќе можат да доплатат и за 9.2-инчен „Discovery Pro“ систем, кој доаѓа со можност за зачувување на возачките режими на cloud, нуди пристап до апликации за стриминг и безжична интеграција со Apple CarPlay и Android Auto.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Volkswagen го претстави новиот електричен ID.4 GTX!

За прв пат, освежениот Polo GTI нуди и елементи за делумно автономно возење, во кои спаѓаат предвидлив адаптивен темпомат, асистирање за коловозна лента, радар итн.

Се очекува моделот да пристигне во Европските претставништва во некој од следите месеци.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.