Официјално ги доделивме признанијата Златно Тркало за Најпосакуван Автомобил! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално ги доделивме признанијата Златно Тркало за Најпосакуван Автомобил!

Вчеравечер, на свечена церемонија официјално ги прогласивме Најпосакуваните Автомобили во Македонија за 2021 и ги доделивме статуетките – погледнете како изгледаше церемонијата.

Ние предложивме, вие одбравте, а победниците вчера официјално ги добија наградите на вториот по ред избор за најпосакуван автомобил во Македонија – Златно Тркало. Вчеравечер заедно со колегите од Автоплус, CarsByVik и RPM.mk официјално ги прогласивме победниците и им ги доделивме статуетките. Како и минатата година, заедно со колегите, во соработка со автомобилските импортери ги одбравме и предложивме кандидатите во неколку различни категории, а вие – нашите посетители и фанови – го одбравте победникот во секоја од нив.

Оваа година, во четири различни категории се натпреваруваа повеќе различни автомобили, а со преку 15.000 гласови нашата публика ги одбра победниците!

Најпосакуван Градски Автомобил – Peugeot 2008

Ако барате пример за автомобил кој јасно и гласно ги кажува амбициите на Peugeot, нема потреба да одите подалеку од новиот 2008. Всушност, ќе бидеме храбри и ќе кажеме дека новиот 2008 е еден од најкомплетните модели кои Peugeot во моментов ги нуди. Новиот 2008 може да се добие со бензински, дизел или електричен погон – и токму новиот 2008 го избравте за Најпосакуван Градски Автомобил.

Најпосакуван Семеен Автомобил – Škoda Octavia

Многу малку автомобили успеале да наметнат такво влијание во автомобилскиот свет како Octavia. Уште кога пред скоро 25 години на пазарот се појави првата генерација, Škoda јасно и гласно ја истакна својата филозофија – да понуди автомобили кои објективно и успешно ќе ги задоволат потребите на рационалните луѓе, а притоа ќе понудат одлична вредност за вложените пари. Просторната понуда, врвната практичност и изградениот имиџ придонесоа Octavia да биде избрана за Најпосакуван Семеен Автомобил.

Поврзано:   СУПЕР-ТЕСТ: Volkswagen Golf GTE 245 DSG - 100 километри за 80 денари?

Најпосакуван Електрифициран Автомобил – Peugeot e-208

Електричните возила се иднината – сите трендови го покажуваат тоа, а огромните инвестиции кои производителите ги прават токму во ваквите возила го докажуваат тоа. Одличната автономија од над 300 километри, врвниот француски дизајн и новите технологии кои се дел од најновата гама на Peugeot го прават електричниот e-208 еден од најинтересните новитети – и токму затоа, го одбравте за Најпосакуван Елекрифициран Автомобил. Иднината е веќе тука!

Најпосакуван Автомобил во Македонија – Škoda Octavia

Octavia е еден од оние, комплетните пакети на кои само закоравените негодувачи можат да им најдат замерка. Со Octavia (повторно) се добива голем, практичен, доверлив и моќен автомобил, но сега Škoda оди чекор понатаму и својот бестселер го нуди во сосем ново, високо-технолошко, темелно-дигитализирано издание. Да, можеби веќе станува здодевно – но Škoda повторно успеа, а Octavia е Најпосакуваниот Автомобил во Македонија за 2021!

Повторно им се заблагодаруваме на сите учесници, но уште повеќе ви се заблагодаруваме на вас – нашата публика – за вниманието и довербата. Ви благодариме што нè следите и што гласавте. Им честитаме на победниците и им посакуваме особено успешна година. Третиот циклус е веќе започнат!

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.