full screen background image
Search

ТЕСТ: Škoda Octavia 2.0 TDI EVO 150 DSG Style – Бестселерот, дигитализиран!

Со новата, четврта генерација на својот најпопуларен модел, Škoda воведува еден поинаков, помодерен пристап кон нештата. Ајде да зборуваме за новата Škoda Octavia!

Многу малку автомобили успеале да наметнат такво влијание во автомобилскиот свет како Octavia. Уште кога пред скоро 25 години на пазарот се појави првата генерација, Škoda јасно и гласно ја истакна својата филозофија – да понуди автомобили кои објективно и успешно ќе ги задоволат потребите на рационалните луѓе, а притоа ќе понудат одлична вредност за вложените пари.

Па, еве нè, безмалку 25 години подоцна со новата, четврта генерација на Octavia. Најновата генерација на ултра-популарната Octavia продолжува онаму каде минатата генерација застана, но сето она кое го прави, го прави на еден значително позрел, порафиниран начин.

Новата Octavia е многу повеќе од само еволуција на минатиот модел.

Како што и вообичаено правиме, ајде прво за дизајнот. Веднаш, на прв поглед станува јасно дека новата генерација е многу повеќе од обична еволуција на минатиот модел. Веднаш да кажеме – веќе ги нема (малку несреќните) дводелни предни светла. Всушност, Octavia уште на првиот поглед изгледа достоинствено и созреано. Формите се јасни и чисти, линиите се остри и површините се мазни. Ова е автомобил кој е дизајниран да биде ненаметлив, а истовремено да биде горд.

На предниот дел доминираат широките светла и маската на ладилникот, додека формата на целиот автомобил е некако, дури би кажале – купеовска. На задниот дел вниманието го задржуваат задните светла со нагласено тродимензионална графика, а профилот го красат прекрасните, еднобојни 18-инчни тркала.

Дизајнот на Škoda успешно се осовременува изминативе неколку години – и во нашите очи, кулминацијата ја постигна токму со новата Octavia.

Нова, дигитализирана, практична, комфорна и просторна кабина.

Одиме внатре. Сакале конкурентите да го признаат тоа или не – кабината на Octavia секогаш наметнувала нови стандарди по кои се мерат сите други автомобили во класата. Octavia е „бенчмаркот“ по кој споредуваме колку простор нудат автомобилите во оваа класа. Со задоволство можеме да кажеме дека традицијата продолжува – Octavia повторно нуди врвна просторна понуда. Многу, многу простор има и на предните седишта и на задната клупа, а багажникот (кој е достапен преку супер-пракитчна петта врата) е со димензии на пештера со средна големина и може да проголта дури 600 литри – односно масивни 1555 литри кога ќе ги спуштите задните седишта.

Поврзано:   Škoda подготвува осветлен приклучок за безбедносниот појас

Но вистинската револуција кај новата Octavia не е кај просторната понуда ниту кај практичноста – тоа се особини на Octavia кои веќе сме навикнати да ги очекуваме. Вистинската револуција овој пат е во дигитализацијата на чешкиот лифтбек седан.

Пред возачот се поставени чисти, јасни и прилагодливи инструменти кои се навистина лесни за разбирање и користење. На централната конзола е поставен голем мултимедијален уред преку кој се контролираат главните функционалности во автомобилот. Под екранот има панел налик на „тачпед“ од лаптоп, преку кој со лизгање на вашите прсти регулирате колку е гласна музиката (и функционира одлично), а под него има кратенки до некои од главните функционалности, а за прв пат Octavia добива и хед-ап дисплеј пред возачот.

Но Škoda оди чекор понатаму со дигиталниот асистент кој препознава гласовни команди, но и колку повеќе го користите, толку повеќе учи. Па – на пример – можете да ѝ кажете на Лаура (така се вика) дека ви е топло, а таа ќе го прилагоди клима уредот. Или можете да ѝ кажете дека ви е ладно на нозете, а таа ќе насочи греење директно кон оној патник кој го побарал тоа од неа.

Понатаму, Octavia ги добива и системите за полу-автономно управување кои сега се нудат во возилата на Volkswagen групацијата – а тоа значи дека Octavia верно ќе ја следи коловозната лента, ќе го користи активниот темпомат за самата да одржува дистанца меѓу вас и возилата пред вас и многу, многу повеќе.

Сепак, ваквиот пристап е прилично сериозен исчекор од она на кое сме навикнати и ќе признаеме дека целосно-дигиталниот пристап кон кабината „бара“ малку учење и навикнување на новиот начин на користење на автомобилот. Но верувајте, кривата на учење е навистина блага и многу брзо минува она прво чувство на „неразбирање“ на системот. Работите се генерално распоредени логично и сите функционалности ќе ги најдете онаму каде очекувате да бидат.

А посветено е и многу внимание на материјалите кои се користени во кабината, како и на завршната обработка. На оние кои беа скептични околу двокракиот управувач ќе им кажеме само – нема потреба. Управувачот изгледа одлично и сосем добро ѝ прилега на елегантната кабина. Скоро сите површини во кабината се изработени од или покриени со квалитетни материјали кои се фини на допир, а особено ни се допадна текстилот со кој е покриен дел од шалт-таблата. Да, кога ќе отидете „надолу“ ќе пронајдете нијанса поцврсти пластики, но тие ни од далеку не го нарушуваат впечатокот за комфорна, практична и мирна кабина.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Škoda ја започнува електричната иднина со Enyaq iV!

Инаку, во кабината (како што и очекувавме) има многу практични и размислени детали – на пример, џебовите во вратите се поставени со „ќилимест“ материјал – а тоа значи дека што и да оставите во нив нема да тропка. Има и мала корпа за отпадоци, има џебови на задните делови на предните седишта наменети за оставање мобилен телефон, има и голем држач за таблет кој се поставува во централниот наслон на задната клупа, има безжичен полнач за мобилен телефон во централната конзола, завеси во задните врати, прегради за багажниот простор, двостран патосник за багажникот, дополнителна „корпа“ над багажникот за сместување работи кои не сакате да бидат со останатиот багаж, чадор во возачката врата, гребалка за мраз во капачето кај полначот за гориво и многу, многу, многу други практични додатоци. Едноставно.. Škoda!

Моќен и економичен турбодизел во комбинација со автоматски менувач.

Нашата Octavia дојде опремена со нов 2-литарски TDI EVO турбодизел кој испорачува 150 коњски сили од 3000 до 4200 вртежи во минута, како и 360 Nm вртежен момент од 1700 до 2750 вртежи во минута.

Во комбинација со новиот Shift-By-Wire DSG менувач со двојна спојка и 7 степени на пренос, вака конфигурираната Octavia постигнува 100 километри на час за одлични 8.7 секунди и максимални 227 километри на час. А потрошувачката? За време на неколкудневното дружење и скоро 800 километри поминати заедно, измеривме комбинирана потрошувачка од точно 6 литри на 100 километри. Градската потрошувачка не надмина 7 литри на 100 изминати километри, и тоа со нон-стоп вклучен клима-уред.

А каква е Octavia кога ќе седнете зад управувачот? Комфорна и лесна за секојдневно користење. Суспензијата е дефинитивно ориентирана кон комфорот, па и покрај големите 18-инчни тркала во кабината е скоро беспрекорно мирно и не се пренесуваат скоро никакви несакани вибрации. Прегледноста е одлична благодарение на големите стаклени површини, а паркирањето и маневрирањето е дополнително олеснето благодарение на големите странични ретровизори, како и на сензорите и камерата за паркирање.

Моторот и менувачот се беспрекорно услогласени за да понудат лесно и комфорно возење, односно дури и подинамично возење кога ќе префрлите во спортски режим на работа – но да бидеме искрени, навистина нема потреба од тоа. Octavia, барем во оваа изведба нема спортски претензии. Да, управувањето е доволно директно и прецизно, и автомобилот верно ќе ги следи вашите насоки – но Octavia е опуштен крстосувач, замислен да биде практичен автомобил кој ќе голта километри.

Поврзано:   Autobest признанија за Citroën, Škoda, Jaguar Land Rover, Toyota, Френк Стивенсон и Тото Волф!

А патувањето со Octavia е лесно – адаптивниот темпомат работи одлично, а огромен удел имаат и Matrix LED предните светла кои го прават возењето на отворен пат лесно и целосно го елиминираат „пушти-долги-гаси-долги“ моментот. Секако, кога на сето тоа ќе се додаде и фактот дека Octavia е и врвно-безбеден автомобил, за што сведочат и петте ѕвездички на EuroNCAP тестирањата, повторно е јасно зошто Octavia е толку популарен избор меѓу купувачите. Нашиот тестен модел дојде и со нешто „екстра“ – меѓу другото, ќе истакнеме дека имаше и загревање на предните седишта, електрично отворање и затворање на петтата врата, адаптивен темпомат кој работи при брзина до 210 километри на час, хед-ап дисплеј, 18-инчни тркала, итн…

Ќе бидеме здодевни – но Škoda повторно успеа!

Всушност, така некако и ќе го завршиме нашиот тест. Реалноста е дека на некои автомобил е навистина тешко да им се најде замерка. Да, може да не ви се допаѓа ова или она – но Octavia е еден од оние, комплетните пакети на кои само закоравените негодувачи можат да им најдат замерка. Со Octavia (повторно) се добива голем, практичен, доверлив и моќен автомобил, но сега Škoda оди чекор понатаму и својот бестселер го нуди во сосем ново, високо-технолошко издание. Да, можеби веќе станува здодевно – но Škoda повторно успеа!

Димензии

Спецификации

Модел: Škoda Octavia 2.0 TDI EVO 150 DSG Style
Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 150 коњски сили / 3000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 360 Nm / 1700 вртежи во минута
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 7 брзини
0-100 км/ч: 8.7 секунди
Максимална Брзина: 227 километри на час
Должина: 4689 mm
Ширина: 1994 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1470 mm
Тежина: 1390 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2686 mm
Багажен Простор: 600 – 1555 литри
Потрошувачка: 6 литри на 100 километри (измерена, комбинирана)
Цена на основниот модел: Škoda Octavia 1.0 TSI 110 Ambition  – 17.770 Евра
Цена на моделот без дополнителна опрема: Škoda Octavia 2.0 TDI EVO 150 DSG Style – 28.320 Евра
Цена на тестираниот модел: Škoda Octavia 2.0 TDI EVO 150 DSG Style – 31.940 Евра
Повеќе Информации: Škoda.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.