ПРЕМИЕРА: Opel Manta GSe ElektroMOD! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Opel Manta GSe ElektroMOD!

Opel ја претстави уникатната Manta GSe ElektroMOD – ќе биде произведен само еден примерок, но овој автомобил истовремено ја прославува 50-годишината на Manta и ја најавува иднината на спортските електрични возила на Opel!

Овој уникатен автомобил ја прославува 50-годишнината на Manta, но и ја најавува новата GSe ознака која Opel ќе ја користи за електричните модели со високи перформанси. Ова е првиот restomod (реставриран+модифициран) на Opel – и користени се модерни компоненти.

Изваден е оригиналниот 1.6-литарски бензинец а на неговото место е поставен електромотор кој испорачува 145 коњски сили и 225 Nm вртежен момент. Она што е интересно е дека инженерите на Opel одлучиле да го задржат 4-брзинскиот мануелен менувач за поавтентично возачко искуство – но доколку сакате можете да ја возите Manta GSe и во автоматски режим – ставете во 4-та брзина и уживајте!

Инаку, „струјата“ доаѓа од батериски модул со капацитет од 31 kWh, кој пак овозможува автономија од околу 200 километри. На предниот дел го забележуваме новиот Pixel-Vizor кој се развлекува од една до друга страна. Во суштина, ова е голем дисплеј кој може да се искористи за пренесување различни пораки. Секако, препознаваме и други ретро-модерни детали – како на пример позантите задни светла кои сега имаат значително понагласена форма и поинтересна графика.

Секако, не е заборавено ниту на ентериерот. Пред возачот се поставени нови дигитални инструменти, а на централната конзола има и модерен мултимедијален уред. Од Opel го нарекуваат Pure Panel, а екраните (со дијагонали од 12, односно 10 инчи) се завртени кон возачот. Забележуваме и спортски седишта, редизајниран управувач, многу модерни детали и компоненти, а дел од приказната е и премиум аудио систем потпишан од Marshall.

Поврзано:   Opel Astra добива нов лајт-хибриден погон

Opel не застанува кај Manta GSe. Ознаката GSe ќе се користи и кај други електрични (и електрифицирани) модели на брендот, а наскоро најверојатно ќе видиме и поспортска верзија на новата електрична Corsa-e.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.