Германскиот бренд ќе ја зголеми својата палета на кросовери со Европа, со претставување на новиот Taigo ова лето.
Базиран на моделот Nivus кој се продава во Јужна Америка, Taigo ќе биде лансиран на крајот од годинава. Ќе се произведува во фабриката во Памплона, Шпанија, покрај моделите Polo и T-Cross, со кои дели неколку заеднички компоненти.
Јужно-американскиот Nivus има речиси идентичен ентериер со оној на Polo и е опремен со 10-инчен мултимедијален систем во во централната конзола, а може да добие и 10.25-инчен дигитален панел со инструменти. Мултифункционалниот волан изгледа малку различно, но централната конзола и панелите на вратите изгледаат како да се директно преземени од Polo.
За неговата активна безбедност се грижат автономно сопирање при итни случаи, систем за електронска стабилност, помош при тргнување на нагорнини, адаптивен темпомат, камера за гледање наназад, како и сензор за детектирање на замор кај возачот.
Volkswagen не ја објави гамата на мотори за Taigo, но Nivus е понуден со 1.0-литарски турбо-бензински TSI агрегат со три цилиндри кој произведува 115 кс на бензин и 126 кс на етанол, а е усогласен со шест-степен автоматски менувач и погон на предните тркала. Погонот на етанол најверојатно нема да се нуди во Европа, но затоа очекуваме повеќе варијанти на 1-литарскиот TSI, како и можност за добивање автоматски DSG менувач.