ТЕСТ: Volkswagen Polo 1.0 75 Comfortline – Малиот градски автомобил порасна – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Volkswagen Polo 1.0 75 Comfortline – Малиот градски автомобил порасна

Поминавме неколку дена зад управувачот на новото Polo – и ја искористивме можноста самите да се увериме во очекуваните квалитети, но и напредокот кај најновиот хечбек на Volkswagen.


Ако мислите дека Polo не е значаен модел за Volkswagen – грешите. Германскиот производител досега има произведено и продадено повеќе од 14 милиони примероци, низ пет различни генерации на компактниот хечбек. Но во време кога Polo – но и конкурентите – значително пораснаа, притисокот кој Volkswagen го чувствува е голем, а Polo не смее да ги разочара купувачите.

Нова платформа и значително поголеми димензии

Но предизвикот со кој Volkswagen се соочува не е мал – со новото Polo, тие сакаат да привлечат помлади купувачи, а резултат на таа желба е поинтересниот дизајн и многуте технологии кои можат да се добијат. Новото Polo е поставено на модуларната MQB платформа на Volkswagen групацијата, а тоа резултира со поголем автомобил – новото Polo има 92 милиметри подолго меѓуоскино растојание во однос на неговиот претходник, а и ширината е зголемена за цели 69 милиметри. Сето тоа резултира со повеќе простор, но и чувство на поголем автомобил зад управувачот.

Видлива еволуција на дизајнот

На прво видување, дизајнот е видлива и препознатлива еволуција на дизајнот на претходниот модел. Погледнете го новото Polo и веднаш ќе знаете дека се работи за Volkswagen. Сепак, освежениот лик се препознава преку многуте остри линии кои започнуваат на предниот дел, го „обвиваат“ автомобилот и завршуваат на задниот дел. Ако ние се прашуваме, Polo успешно балансира меѓу конзервативниот пристап и модерните детали – а со тоа добива дизајн кој лесно ќе го издржи „забот на времето“ и нема да изгледа застарено за само неколку години. Ние би одбрале некоја поинтересна боја, би додале алуминиумски фелни – и во суштина, тоа е тоа.

Просторна, комфорна и практична кабина

Многу поинтересни се измените во кабината. Polo може да се добие со многу различни „играчки“ кои обично се нудат во поголемите автомобили – од мултифункционален дигитален дисплеј кој ги заменува традиционалните инструменти, па сè до повеќенаменски мултимедијални уреди со можност за поврзување со паметни телефони – Polo тука ја покажува својата зрелост. Особено нè радува што во кабината можат да се добијат детали кои се во иста боја со надворешноста, а тоа ја разбива монотонијата која обично доминира во овој сегмент.

Поврзано:   Дамите го одбираат Women's Worldwide Car of the Year - ова се финалистите!

Она што веднаш се забележува се зголемените димензии – сега во кабината навистина има повеќе простор. Ако сте возеле било кој автомобил од Volkswagen групацијата, сите команди и контроли ќе ви бидат веднаш јасни, а сосем лесно ќе најдете и комфорна возачка позиција. Прегледноста е одлична благодарение на чистиот дизајн и големите стаклени површини, а возачот и совозачот ќе најдат многу места за одлагање ситници. Скоро сите површини кои ќе ги допрете се обвиени со меки материјали и фино текстурирани, па единствената забелешка која ја имаме е на гумениот управувач – ние би избрале управувач обложен со кожа (кој е достапен кај повисоките нивоа на опременост) и секако би додале централен наслон за рацете.

Просторноста на Polo е евидентна и на задната клупа – двајца патници ќе имаат доволно простор за главите и за колената, а по потреба ќе собере и тројца. Возачот и патниците ќе имаат на располагање багажник со капацитет од 351 литар, односно 1125 литри со спуштени задни седишта – меѓу врвните понуди во класата.

Polo е маневрабилен во град, комфорен и доверлив „на отворено“

Кога ќе седнете да го возите новото Polo, веднаш ќе ги забележите придобивките од MQB платформата врз која е поставено. Чувството е како да возите многу поголем автомобил. Секако, тука најголемата улога ја игра поголемото меѓуоскино растојание, кое помага да се „смири“ автомобилот, особено на отворен пат. Инаку, низ град – Polo продолжува да биде практично, маневрабилно и прегледно возило. Сите контроли се лесни – од серво управувањето, па до спојката и менувачот, прегледноста е одлична и Polo лесно го совладува градскиот метеж.

Мал и економичен бензинец

Нашиот тестен модел го носеше 1.0-литарскиот три-цилиндерски атмосферски бензинец кој влече потекло од малиот Up. Моторот испорачува 75 коњски сили при 6200 вртежи во минута и 95 Nm вртежен момент од 3000 вртежи во минута. Во ред, бројките не се спектакуларни, но се доволни да го „забрзаат“ Polo до 100 километри на час за 14.9 секунди и да му овозможат максимална брзина од 170 километри на час. Она што радува кај овој мотор е неговата економичност – во нормални услови на возење, градската потрошувачка нема да надмине 7 литри на 100 изминати километри.

Опрема и безбедност

Comfortline опремата значи електрично задвижување на сите прозорци, Climatic клима уред, мултимедијален уред со екран во боја од 6.5 инчни со можност за USB и Bluetooth поврзување, мултифункционален управувач, централно заклучување, надворешни ретровизори со електрично нагодување, браници во боја на каросеријата, хромирани лајсни и уште многу други додатоци. Нашиот тестен модел имаше и „малку екстра“ – темпомат, проактивен систем за заштита на патниците во комбинација со Front Assist и систем за предупредување на возачот кој препознава замор.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Volkswagen го претстави и караванот ID.7 Tourer

Не е заборавено ниту на безбедноста – Polo стандардно доаѓа со неколку воздушни перничиња, ABS систем против блокирање на сопирачките, ESC контрола за стабилноста на возилото, систем за предупредување од судар Front Assist со авномно сопирање во итни случаи, итн. Новото Polo е веќе тестирано од EuroNCAP и освои максимални 5 ѕвездички за безбедност.

Заклучокот? Polo станува повозрасен, посериозен автомобил!

Новото Polo пристигнува на пазарот кога класата во која припаѓа прави „чекори од седум милји“. За било кој автомобил во оваа класа да биде конкуретен, треба да понуди навистина многу – но и да понуди нешто што ќе го издвои од директните конкуренти. Новото Polo го има оноа традиционалното чувство на „солидност“ кое секое Polo досега го имало, но сега нуди стабилност како кај автомобили кои се значително поголеми. Што значи сето тоа? Значи дека традиционалните вредности на Polo се сè уште тука, но Polo оди чекор понатаму и станува повозрасен, посериозен автомобил.

  • Мотор: 1-литарски атмосферски бензинец, 3 цилиндри
  • Моќност: 75 коњски сили / 6200 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 95 Nm / 3000 вртежи во минута
  • Менувач: Рачен, 5 брзини
  • Максимална брзина: 170 км/час
  • Забрзување 0-100: 14.5 секунди
  • Должина: 4053 mm
  • Ширина: 1751 mm
  • Висина: 1461 mm
  • Тежина: 1105 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2548 mm
  • Багажен простор: 351 – 1125 литри
  • Потрошувачка на 100 км: 6.7 литри (измерена, градска)
  • Цена на основниот модел: Volkswagen Polo 1.0 75 Trendline – 13.902 Евра
  • Цена на тестираниот модел: Volkswagen Polo 1.0 75 Comfortline – 15.675 Евра
    Повеќе информации: Volkswagen.com.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.