full screen background image
Search

Mercedes-Benz и Renault/Nissan развија нов 1.3-литарски турбо-бензинец

Новиот мотор први ќе го добијат Renault Scenic и Grand Scenic, а потоа ќе започне да се вградува и во други модели на Renault/Nissan, но и на Mercedes-Benz.

Според она што го кажуваат од Renault/Nissan, новиот мотор е поекономичен и со пониска емисија на штетни гасови од 1.2-литарскиот TCe кој го заменува. Ќе се нуди во три различни варијанти – со 115 коњски сили и 220 Nm вртежен момент, со 130 коњски сили и 240 Nm вртежен момент и 160 коњски сили и 260 Nm вртежен момент.

Моторот ќе го доживее своето деби кај Renault Scenic и Grand Scenic, а понатаму ќе се вградува и во друго модели на Renault/Nissan алијансата. Верзијата со 115 коњски сили ќе може да се добие само со мануелен менувач, онаа со 130 коњски сили ќе може да се добие со мануелен или автоматски менувач, а верзијата со 160 коњски сили ќе се нуди ексклузивно со автоматски менувач. Се очекува и Mercedes-Benz да ја следи истата насока.

Претставник од Daimler веќе потврди дека следната генерација на A-Class ќе го користи новиот мотор, а понатаму ќе го добие и B-Class, како и GLA и GLC. Не се потврдени никакви детали околу моќта која ќе ја испорачуваат моторите кои ќе ги користи Mercedes-Benz, но би очекувале тие да бидат истите.

Соработката меѓу Renault/Nissan и Daimler започна уште во 2010-тата година. Резултат на таа соработка е вградувањето на 1.5-литарскиот dCi турбодизел на Renault/Nissan во некои модели на A-Class, B-Class, CLA и GLA, а 1.6-литарскиот турбо-бензинец на Renault Nissan се вградува во некои верзии на C-Class. Многу поконкрентен резултат е заедничкиот продукт на обете компании – односно, Renault Twingo и Smart. Обата автомобили се произведуваат во фабриката на Renault во Ново Место, Словенија.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.