BMW M3 и M4 добија „златен“ третман од Manhart – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

BMW M3 и M4 добија „златен“ третман од Manhart

Германскиот тјунер Manhart прикажа пакет за подобрување на перформансите и дотерување на изгледот на новите M3 седан и M4 купе модели на BMW.

Наречени MH3 600 и MH4 600, тјунираните M3 и M4 го добиваат компјутерскиот чип MHtronik Powerbox и еден од двата достапни издуви системи, кои доаѓаат со двојни карбонски издувни цевки. Овие модификации ја зголемуваат испораката на сила на околу 620 кс и 750 Nm вртежен момент кај верзиите Competition.

За споредба, стандардните модели имаат 510 кс и 650 Nm вртежен момент, кои извираат од 3.0-литарски агрегат со шест цилиндри во линија. Слична надградба ќе биде лансирана и за конвенционалните верзии на M3 и M4, каде силата ќе биде зголемена од 479 кс на околу 590 кс.

Тјунираните модели се поставени на пониски пружини од H&R, кои ги приближуваат кон подлогата за неколку милиметри, а стандардните тркала се заменети со нови. Развиени во компанијата, Concave One кованите фелни имаат димензии од 9х21 инч на предната и 10.5х21 инч на задната оска, а се обвиени во пневматици со профил од 265/30 напред и 305/25 назад.

За поагресивен изглед тука се нов карбонски поклопец на моторот, преден сплитер, заден дифузер, спојлер и странични аеро крилца. За оние кои сакаат да додадат акцент на линиите на возилата, Manhart нуди и златни ленти, кои можат да се искомбинираат и со златна боја на фелните.

Ова ќе биде прво ниво на тјунинг програмата, но Manhart работи и на второ ниво кое ќе нуди уште подобрени перформанси за новите M3 и M4.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.