Од Porsche кажуваат дека новиот Taycan Cross Turismo е сèнаменски електричен спортски автомобил кој нуди врвни перформанси, одлична автономија, но и подобрена практичност.
Taycan Cross Turismo очигледно е инспириран директно од концептот Mission E Cross Turismо кој Porsche го покажа во 2018. Сега, неколку години подоцна го гледаме финалниот, сериски продукт кој го дефинираат спортски линии и несекојдневна, каравански-кросоверска форма. Дополнително, со цел дополнително да го истакне сèнаменскиот карактер на Taycan Cross Turismo, новиот автомобил добива и заштитни панели околу целата каросерија.
Taycan Cross Turismo стандардно ќе доаѓа со воздушна суспензија и погон на сите четири тркала, а новата форма овозможува повеќе простор во кабината – особено на задната клупа – како и повеќе багажен простор, кој сега нараснува до повеќе од 1200 литри.
Кабината е скоро идентична како онаа кај Taycan, но има и засебни уникатни елементи. Целата конзола е нагласено хоризонтална за да се истакнат пропорциите, пред возачот е самостоечкиот дигитален рисплеј додека централната конзола и дисплејот пред совозачот ги истакнуваат хај-тек гените на Taycan. Сепак, за да се истакнат off-road карактеристиките на Taycan, на врвот на конзолата е поставен компас.
Иновативниот Porsche 4D Chassis Control систем ги анализира и ги синхронизира сите системи во реално време. Тука ги вбројуваме адаптивната воздушна суспензија која автоматски ја прилагодува височината во зависност од теренот, а возачот може самиот да испрограмира локации каде Taycan Cross Turismo самиот ќе ја нагоди суспензијата на повисоко или пониско ниво – за полесно влегување во гаража, да речеме.
Новитет е Gravel режимот на возење кој овозможува совладување на лесни теренски предизвици. Во овој режим, суспензијата е повисока за 30 милиметри и сите системи се прилагодени за да овозможат максимална тракција и лесно возење. Од друга страна, при возење на автопат, Taycan Cross Turismo автоматски ќе се приближи до подлогата за да обезбеди подобра аеродинамика – коефициентот на отпор на воздухот е само 0.26 Cd.
Taycan Cross Turismo користи батериски модул со капацитет од 93.4 kWh со системска волтажа од 800 волти. Сите модели ќе дојдат со два електромотори – еден на предната, еден на задната оска. Новиот модел на Porsche ќе доаѓа во четири изведби, сите со погон на сите четири тркала. Изведбите кои ќе се нудат се 4, 4S, Turbo и Turbo S. Сите го користат истиот батериски модул, но Taycan 4S Cross Turismo испорачува 380 коњски сили, односно 476 за Launch Control. Кај 4S тие бројки растат на 490 и 571.
Скалило погоре е Taycan Turbo Cross Turismo кој има 625, односно 680 коњски сили при Launch Control и на самиот врв е Taycan Turbo S Cross Turismo кој нуди 625, односно 761 коњска сила и 1050 Nm вртежен момент при Launch Control. На „основниот“ Taycan 4 Cross Turismo му требаат 5.1 секунда да достигне 100 километри на час, на врвниот Taycan Turbo S Cross Turismo катапултирањето „до стотка“ трае само 2.9 секунди. Во зависност од изведбата, автономијата е меѓу 380 и 460 километри со едно полнење на батериите.
Кога сме кај полнењето, Taycan и понатаму е меѓу најбрзите автомобили на светот и по ова прашање. Вградениот полнач е со капацитет од 22 kW, а доколку имате пристап до доволно моќен и брз полнач, 100 километри можат да бидат „наполнети“ за околу 5 минути.
Taycan Cross Turismo е логичниот следен чекор во електрификацијата на Porsche. Германскиот производител на спортски автомобили гордо кажува дека во 2020 биле испорачани повеќе од 20.000 примероци ширум светот, и дека 70% од продадените примероци на Porsche во Норвешка биле токму примероци на Taycan. Сега, со оваа нова, попрактична изведба на Taycan, Porsche сака да ја направи електричната иднина уште попривлечна и поинтересна – и немаме ама баш ниту една причина да се сомневаме во таа иднина.