Новиот електричен Fiat 500 добива изведба со дополнителна врата – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Новиот електричен Fiat 500 добива изведба со дополнителна врата

Италијанскиот бренд претстави нова каросериска изведба од новата генерација на малиот 500 – кој сега може да се добие со супер-практична, дополнителна врата од совозачката страна.

Cпоред зборовите на Fiat, новата 3+1 конфигурација на каросеријата нуди повеќе практичност за родителите со деца. Димензиите се идентични со стандардниот модел и со кабриолет верзијата, но новата изведба доаѓа со мала задна врата од десната страна, која се отвара во спротивна насока од предната врата и нуди многу полесен пристап до задната клупа – бидејќи го нема Б-столбот

Поради безбедносни причини, задната врата може да се отвори само кога предната врата е веќе отворена. Ова е слично на ситемот кој своевремено се нудеше кај Mazda RX-8, но тука неговата практичност е уште понагласена.

Fiat изјави дека моделот 500 3+1 е само 30 килограми потежок и нема компромиси во однос на возните својства и потрошувачката, во споредба со стандардниот модел. Исто како останатите две изведби, така и 3+1 е лансиран во специфичната „La Prima“ едиција, достапна во три бои (розево-златна, светло-сина и темно-сина) и опремена со LED светла, двобојни 17-инчни фелни и хромирани детали на прозорците и страничните панели.

Кабината е во најголем дел обвиена со еко-кожа, воланот доаѓа во две бои, седиштата имаат зашивки со буквите на Fiat и има ексклузивни „La Prima“ ознаки на конзолата. Седиштата се прилагодливи во шест насоки, а тука се и специјални патосници, електрохроматски ретровизор, автоматски клима уред и паркинг сензори со поглед од 360 степени над возилото.

Што се однесува до електричниот погон, основниот „Action“ модел ќе биде опремен со литиум-јонска батерија од 23.8 киловат-часа, која ќе го напојува електричниот мотор со сила од 95 коњски сили. Во овој модел забрзувањето од 0-100 км/ч трае 9.5 секунди, а максималната брзина е ограничена на 135 км/ч.

Неговиот опсег е над 180 километри според WLTP циклусот, а малиот 500 е опремен со систем за брзо полнење од 50 киловати со кој може да ја наполни батеријата за помалку од 10 минути.

Поврзано:   Луѓето ја сакаат Fiat Panda - Fiat им го дава на луѓето она кое го сакаат!

Средниот и врвниот модел 500 Passion и 500 Icon добиваат поголем пакет батерии од 42 киловат-часа, кои го напојуваат електричниот мотор со 118 кс и 220 Nm цртежен момент. Забрзувањето од 0-100 км/ч е 9 секунди, додека максималната брзина е ограничена на 150 км/ч.

Опсегот според WLTP циклусот изнесува 320 километри, а моделот е сериски опремен со систем за брзо полнење од 85 киловати, кој пак му овозможува да ја наполни батеријата до 80 проценти за 35 минути. За опсег од 50 километри ќе бидат доволни само околу 5 минути полнење.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.