Dacia го претстави малиот електричен модел Spring Electric – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Dacia го претстави малиот електричен модел Spring Electric

Dacia го претстави првиот целосно електричен автомобил – малиот градски кросовер Spring Electric.

Најавен уште во Март оваа година преку Dacia Spring Concept, новиот сериски модел дебитираше на Renault eWays настанот, како „најдостапно електрично возило во Европа“, според зборовите на компанијата. Колку достапно? Сеуште не знаеме, но од Dacia изјавија дека цената ќе биде „непобедлива“ за конкурентите.

Уште со концептот беше јасно дека првиот електричен автомобил на Dacia нема да биде ново-развиен, туку ќе биде базиран на веќе постоечки модел – Renault Kwid, кој се продава во Индија.

Автомобилот се протега во димензии од 3,734 милиметри должина, 1,770 милиметри ширина, 1,516 милиметри височина и има меѓуоскино растојание од 2,423 милиметри. Според овие димензии новиот Spring Electric е поблиску до моделот Twingo отколку Sandero.

Иако е мал по димензии, Dacia Spring Electric е дизајниран да смести четири возрасни патници, вклучувајќи го и возачот. Багажникот има капацитет од 300 литри, со исклучок на местото кај резервната гума. Доколку се спушти задната клупа, багажниот простор се зголемува на околу 600 литри.

Силата доаѓа од литиум-јонска батерија од 26.8 киловатчаса која го храни со електрична енергија електричниот мотор со 45 кс и 125 Nm вртежен момент. Максималната брзина изнесува 125 км/ч, додека опсегот на возилото е 225 километри со едно полнење според комбинираниот WLTP циклус, а 295 километри според градскиот WLTP циклус.

Со селектрирање на Eco режимот, опсегот се зголемува за околу 10 проценти, бидејќи системот ја намалува силата на моторот на 31 кс и ја ограничува максималната брзина на 100 км/ч.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Ова е освежената Dacia Spring

Полнењето на батеријата до 100 проценти со користење на 220 волтен домашен приклучок трае 14 часа, додека со користење на 7.4 киловатен Wallbox трае помалку од 5 часа. Најбрз начин за полнење е преку 30 киловатен DC терминал, со што е потребен само еден час за да се наполни батеријата до 80 проценти.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.