ПРЕМИЕРА: Dacia официјално ги претстави новите Sandero, Sandero Stepway и Logan! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Dacia официјално ги претстави новите Sandero, Sandero Stepway и Logan!

Dacia ги претстави новите Sandero и Logan, како и робустната Stepway изведба на Sandero – и во согласност со трендовите, веќе нема да ги нуди со дизелски мотори.

Трите нови автомобили се поставени на модерната CMF платформа која се користи кај најновот Clio –  а со тоа добиваат пристап до најновите технологии кои Renault ги нуди – како на пример модерното, ефикасно електрично серво-управување, или пак моќните LED предни светла кои имаат сноп подолг за цели 37% во однос на конвенционалните светла кај минатите генерации. А во однос на безбедносните технологии, новите автомобили добиваат Emergency Brake Assist, Blind Spot Warning, Park Assist, грст сензори и камери, и уште многу повеќе.

Дизајнот на трите автомобили е темелно модернизиран и слободно можеме да кажеме дека веќе ништо не асоцира на „буџет“ автомобили – сите три автомобили изгледаат современо, со чисти и јасни површини и привлечни детали. На предниот дел ги истакнуваме предните светлосни групи и нивните дневни светла, кои директно се прелеваат во предната маска на ладилникот. Страничните линии кај сите автомобили се покомплексни благодарение на лентите на вратите, како и „набабрените“ крила, а на задниот дел препознаваме модерни, комплексни светлосни групи. Сè на сè – дизајнот е погоден!

Сличен (и значителен) чекор нанапред е направен и во кабините – забележуваме голем, централно-поставен мултимедијален уред, а под него има физички контроли за клима-уредот и уште некои функции.

Пред возачот се поставени јасни аналогни инструменти со централно-поставен дигитален дисплеј меѓу нив. Секако, очекуваме и понатаму просторната понуда да биде импресивна, како што сме навикнати кај моделите на Dacia. Новиот мултимедијален уред доаѓа со Android Auto и Apple CarPlay поддршка, а може да се добие и навигација, два, четири или шест звучници, итн.. Како дополнителна опрема можете да добиете keyless пристап, загревање на предните седишта, автоматски клима-уред, паркинг камера, електрична рачна кочница…

Поврзано:  Dacia Sandero е најпродаван автомобил во Европа во првата половина од годинава

Интересна е одлуката на Dacia да го исфрли дизелот од понудата – со елиминирање на 1.5-литарскиот dCi од гамата на мотори, сега новите модели на романскиот бренд ќе можат да се добијат само со модерни, ефикасни и чисти бензински мотори со три цилиндри. Основниот мотор е 1-литарскиот атмосферски бензинец со 65 коњски сили и 5-брзински менувач. Овој мотор ќе може да се добие само кај Sandero и Logan, но не и кај Sandero Stepway.

Скалило погоре е 0.9-литарскиот TCe турбо-бензинец кој испорачува 90 коњски сили и може да се комбинира со шест-степен мануелен или пак CVT менувач. На самиот врв е 100-коњски TCe кој се комбинира со 6-степен мануелен менувач и доаѓа со фабричка можност да работи на природен гас. Резервоарот за „плин“ со капацитет од 50 литри е поставен на локацијата на резервното тркало – и ако ги земеме во предвид бензинскиот (исто со капацитет од 50 литри) и резервоарот за гас – Sandero може да помине повеќе од 1300 километри! Од Dacia нагласуваат дека оваа верзија е и уште почиста, бидејќи испушта 11% помалку CO2 од соодветниот TCe.

Продажбата се очекува да започне во следните месеци.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.