full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: BMW 128ti е баварски рецепт за хот хеч со погон на предните тркала

Баварците сега имаат свој натпреварувач во „цивилната“ хот хеч класа – а тоа е токму BMW 128ti со 265 коњски сили!

Новиот 128ti не само што е нешто ново во понудата на BMW, туку и ја воскреснува ti ознаката која всушност значи Turismo Internazionale и е ознака која 20-тина години ја нема на пазарот. „На времето“ ја користеа 1800 TI, 2002 TI и кон крајот на 90-тите години ја користеа и 323ti и 325ti Compact.

Но што се крие под кожата? Инженерите на BMW го земале 2-литарскиот турбо бензинец од M135i и малку му ја намалиле моќноста – од 306 на 265 коњски сили, но истовремено изваден е xDrive погонот на сите четири тркала и суспензијата е преработена за новата геометрија на автомобилот.

Силата – тие 265 коњски сили, но и 400 Nm вртежен момент – се пренесува кон предните тркала преку 8-брзински автоматски менувач и Torsen диференцијал со ограничено пролизгување, а резултат на сето тоа е спринт до 100 километри на час за 6.1 секунда и максимални 250 километри на час.

Вреди да се напомене дека 128ti е полесен од M135i за цели 80 килограми – а тоа резултира со уште попрецизна управливост. Добива и поцврсти стабилизатори, пониска суспензија, поцврсти амортизери и пружини, M Sport сопирачки со црвени шепи.. Приказната завршува со 18-инчни тркала обвиени во Michelin Pilot Sport 4 пневматици.

Екстериерот добива и специјален Shadowline пакет со црни детали, уникатни странични прагови, како и неизбежните ti значки. Кабината добива црвени детали, контрастни опшивки, спортски седишта и спортски управувач.

Продажбата на BMW 128ti ќе започне во Ноември. Ние веќе го возевме BMW M135i на неговото официјално претставување во Минхен, минатата година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.