Opel ја елиминира ознаката „Х“ од името на својот кросовер, кој покрај новиот дизајн и новите технологии, сега ќе се вика едноставно – Crossland.
Значителното освежување започнува со визуелните измени – Crossland го добива Vizor ликот кој дебитираше кај новата Mokka – и со тоа добива целосно редизајниран преден дел со светла кои се интегрирани во отворите за воздух, нов, поширок преден браник и нови светла за магла. Сè на сè – Crossland изгледа како целосно нов модел. Страничниот профил нема претрпено значителни измени, а задниот дел добива затемнети задни светла, нови заштитни панели и редизајниран браник. Crossland може да се нарача со кров во црна боја, а достапни се и нови дизајни на тркалата, како и нови бои.
Техничките измени вклучуваат нова, рекалибрирана суспензија, како и рекалибрирано управување. Според Opel, сето ова ќе придонесе кон подинамично управување кај компактниот кросовер, како и подобрена стабилност. Достапен е и новиот IntelliGrip адаптивен систем за контрола на тракцијата со неколку различни режими на работа.
Интересен новитет е и новото GS Linе+ ниво на опрема, кое стандардно ќе доаѓа со 17-инчни тркала, црн кров, црвени детали, ергономски седишта, LED задни светла, како и кровни носачи. Сите верзии можат да добијат 8-инчен Navi Pro мултимедијален уред кој доаѓа со Apple CarPlay и Android Auto поврзување.
Освежениот Opel Crossland може да се нарача со 1.2-литарски атмосферски бензинец со 83 коњски сили, или пак со еден од двата 1.2-литарски турбо-бензинци со 110, односно 130 коњски сили. Достапен е и 1.5-литарскиот турбодизел кој доаѓа во две конфигурации – со 110 или 120 коњски сили. Во зависност од моторот, ќе може да се добие 5 или 6-степен мануелен менувач, или пак 6-брзински автоматски менувач, а сите мотори ги исполнуваат Euro 6d стандардите.
Нарачките ќе бидат отворени наскоро, а првите примероци ќе бидат испорачани на почетокот на следната година.