Официјално: Maserati Ghibli и Quattroporte Trofeo доаѓаат со 580-коњски V8 од Ferrari – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално: Maserati Ghibli и Quattroporte Trofeo доаѓаат со 580-коњски V8 од Ferrari

Maserati ја прошири гамата со најсилната Trofeo изведба на моделите Ghibli и Quattroporte.

Двата седани му се приклучуваат во друштвото на спортскиот кросовер Levante Trofeo и ја носат истата погонска единица развиена од Ferrari. Се работи за 3.8-литарски V8 агрегат со твин-турбо конфигурација. Тој произведува 580 кс при 6,250 вртежи и 730 Nm вртежен момент помеѓу 2,250 вртежи во минута.

За разлика од погонот на сите четири тркала кај Levante, кај седаните целата сила се испорачува кон задните тркала преку осум-степен автоматски ZF менувач и диференцијал со ограничено пролизгување. Забрзувањето од 0-100 кај Ghibli Trofeo трае 4.3 секунди, додека на поголемиот Quattroporte Trofeo му се потребни 4.5 секунди, а максималната брзина на двата модели е идентична и изнесува 326 км/ч.

Доаѓаат опремени со double-wishbone предна и мулти-линк задна суспензија, усогласена со Skyhook прилагодливи амортизери и стабилизатори. За полесно лансирање, вграден е Launch Control, а за поголемо уживање во возењето тука е новиот поостар Corsa режим на возење, кој исто така го прави звукот од издувниот систем поизразен.

Визуелните разлики од обичниот модел не се големи и се однесуваат на дискретно изменета предна решетка, поагресивен дифузер, црвени детали на страничните ознаки, како и редизајнирани задни светла, инспирирани од Alfieri Concept.

Кабините на Ghibli и Quattroporte Trofeo се украсени со специјални гравури на потпирачите за глава на седиштата, детали од карбон и површини од Pieno Fiore природна кожа со контрастни зашивки. Тука е исто така и нов систем за мултимедија со 10.1-инчен екран на допир, како и полу-автономен систем за возење.

И двата модели ќе се произведуваат во фабриката во Торино, Италија, а цените ќе бидат објавени наскоро.

 



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.