ПРЕМИЕРА: iX3 е првиот целосно-електричен SUV на BMW! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: iX3 е првиот целосно-електричен SUV на BMW!

По неколкуте најави, BMW конечно го претстави електричниот iX3 во неговата финална форма – а електричниот SUV ќе може да помине до 460 километри со едно полнење.

Електричниот iX3 е базиран врз тековиот BMW X3, но сепак има неколку значителни разлики. Првата – и најважна, секако – разлика е погонот. iX3 користи BMW eDrive систем од најновата, петта генерација. Овој погон добива електромотор кој испорачува 286 коњски сили и 400 Nm вртежен момент, а силата ја добива од батерија со капацитет од 80 kWh. Оваа комбинација му овозможува на iX3 да забрза до 100 километри на час за 6.8 секунди и да постигне максимални (електронски ограничени) 180 километри на час. Сите модели стандардно ќе доаѓаат со адаптивна суспензија.

Инаку, iX3 ќе го препознате преку поедноставениот дизајн и неколкуте детали кои го издвојуваат од конвенционалниот X3. На предниот дел отворите за воздух се намалени и предите „бубрези“ се делумно затворени со цел да се подобри аеродинамиката. iX3 добива и аеро-оптимизирани 19-инчни тркала кои го намалуваат коефициентот на отпор на iX3 во однос на X3 за околу пет проценти – и всушност додаваат околу 10 километри автономија. На екстериерот и во кабината има многу детали во сина боја, кои нагласуваат дека се работи за електричен модел.

Кога сме веќе кај кабината – во неа има многу i-детали, како и дисплеи кои се специфични за електричниот SUV, а по нарачка ќе можат да добијат и спортски седишта. На купувачите ќе им бидат достапни шест бои за каросеријата – Carbon Black, Sophisto Grey, Mineral White, Phytonic Blue, Piedmont Red и Cashmere Silver – и сите се металик.

Инаку, инженерите од BMW се навистина горди на новиот eDrive погон, за кој кажуваат дека има 30% подобра густина на енергија во однос на тековните модели – а тоа всушност значи дека батеријата е покомпактна и дека може да испорача повеќе моќност. Погонот има нов, напреден систем за загревање и ладење на компонентите и грејачот ќе ја одржува батеријата во оптимални параметри, дури и на -30 степени, а друг, засебен грејач е задолжен за електромоторот и другите компоненти.

Поврзано:  BMW го претстави концептот Skytop

Продажбата во Европа ќе започне следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.